НЕМА НОВИ СОМНИТЕЛНИ СЛУЧАИ ЗА КОРОНАВИРУС, СООПШТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    НЕМА НОВИ СОМНИТЕЛНИ СЛУЧАИ ЗА КОРОНАВИРУС, СООПШТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОСите патници на аеродромите во Скопје и Охрид поминуваат низ термалната камера. - Од скенирањата на Скопскиот аеродром. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во изминатите 24 часа не се тестирани нови пациенти за коронавирус и до овој момент нема нов случај на заболен во земјава, соопшти Министерството за здравство.

    Единствената пациентка позитивна на вирусот КОВИД-19 е во добра здравствена состојба. Таа се лекува во одделот за изолација, под постојан мониторинг на стручниот лекарски тим на Инфективната клиника во Скопје. Останатите патници кои биле во комбето со единствената пациентка позитивна на коронавирус и лицата со кои тие оствариле непосреден контакт остануваат во домашна изолација.

    Во моментов нема македонски државјани заразени од овој вирус, ниту пак македонски државјани кои се под карантин во Италија.

    „Нема простор за паника, апелираме до граѓаните да ги применуваат мерките за хигиена, како што се избегнување близок контакт со лица кои имаат респираторни симптоми, кашлање, кивање, почесто миење раце со сапун и топла вода, да се стави маска доколку во близина има лице со симптоми на респираторно заболување. Апелираме до граѓаните да се информираат само од официјалните информации на релевантните институции“, велат од кабинетот на министерот Венко Филипче.

    По барање на Министерството за здравство, Владата донесе препорака до 6 март да се одложат сите јавни настани, а спортските и културните настани да се одржуваат без публика, како превенција од ширење на коронавирусот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира