НЕМА ОДЛУКИ НА СУДОТ ВО СТРАЗБУР ЗА ПОМИЛУВАНИТЕ ОД ИВАНОВ, СЕ ВОДИ СТАНДАРДНА ПОСТАПКА, ВЕЛИ ВЛАДИНИОТ АГЕНТ

    НЕМА ОДЛУКИ НА СУДОТ ВО СТРАЗБУР ЗА ПОМИЛУВАНИТЕ ОД ИВАНОВ, СЕ ВОДИ СТАНДАРДНА ПОСТАПКА, ВЕЛИ ВЛАДИНИОТ АГЕНТОд Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП велат дека станува збор за стандардна постапка која подеднакво важи и за останатите држави членки на Советот на Европа. - Дел од тужителите (Фото: Европски суд за човекови права/принтскрин)

    Тужбите пред Судот во Стразбур на обвинетите во предметите на поранешното СЈО на чело со Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, кои се повикуваат на помилувањата на Ѓорге Иванов од април 2016, повлечени во мај истата година, добија тек и Судот бара одговори од странките (државата и тужителите) на неколку прашања во врска со помилувањата и одлуки на домашниот суд.

    Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови слободи и права, потврди дека Судот веќе ги допуштил тие тужби, кога веќе сега бара одговор на поднесоците од државата. Бирото, кое се наоѓа во Министерството за правда, негира дека Меѓународниот суд веќе донел одлуки во врска со овие поднесоци, туку дека станува збор за стандардна постапка.

    „Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25.09.2020 година, на одговор до Владата на Република Северна Македонија достави две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, а во кои се проблематизираат тековни или завршени постапки од аспект на аболициите на поранешниот претседател на државата Иванов. Поради зголемен интерес на јавноста во врска со тековните постапки пред ЕСЧП по повод поднесените апликации, а за кои имаше повеќе написи во медиумите во текот на вчерашниот ден Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП, информира за следново: Станува збор за стандардна постапка која подеднакво важи и за останатите држави членки на Советот на Европа и за стандардна постапка на доставување на апликации на одговор до државата“, вели нашиот агент пред Стразбур.

    Сепак, Бирото потврдува дека за тужбата на осудените и обвинетите кои се нашле на листата од 54 амнестирани на 12 април 2016 година, постапката во Стразбур е почната.

    „За Владата на Република Северна Македонија, постапка по поднесена апликација пред ЕСЧП започнува кога апликацијата поднесена до ЕСЧП, по прелиминарна оценка на нејзината допуштеност, ЕСЧП ќе одлучи да ја достави на одговор до државата“, велат оттаму.

    Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера кога се појавија шпекулациите дека Судот веќе одлучил, оти аболицијата наводно важела, напиша дека овие тужби против Македонија не се знае која година ќе се најдат на дневен ред на одлучување, а шпекулациите ги нарече притисок и плашење на судиите кои одлучуваат во прв, во втор степен и во Врховниот суд, за предметите од СЈО кои дел се завршени, дел се пред крајот.

    Тужби до Стразбур поднеле Никола Груевски, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Киро Тодоровски, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Тони Трајковски, Владимир Талевски и Едмонд Темелко. Нив ги застапува адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на Јанкулоска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира