НЕМА ОТКАЖУВАЊЕ НА РЕДОВНИТЕ АВТОБУСКИ ЛИНИИ ЗА ИТАЛИЈА, МНР ПРЕПОРАЧА ДА НЕ СЕ ПАТУВА ВО ЖАРИШТЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ

    НЕМА ОТКАЖУВАЊЕ НА РЕДОВНИТЕ АВТОБУСКИ ЛИНИИ ЗА ИТАЛИЈА, МНР ПРЕПОРАЧА ДА НЕ СЕ ПАТУВА ВО ЖАРИШТЕТО НА КОРОНАВИРУСОТОд автобуската станица во Скопје редовни линии има кон 9 италијански градови. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Не се откажани редовните автобуски линии за Италија. За разлика од авионските линии на „Визер“ кон Милано и Тревизо кои од вчера се откажани, автобуси од Меѓуградската автобуска станица во Скопје заминуваат кон повеќе италијански градови. Од автобуската станица во Скопје редовни линии има кон 9 италијански градови. Денеска во 15 часот автобус заминува за Местре.

    „Засега немаме откажување на редовните линии од и кон Италија“, ни рекоа од Меѓуградската автобуска станица во Скопје.

    За разлика од редовните линии кои не се откажани, прекинат е превозот кој помали приватни фирми го организираат за Македонците кои живеат и работат во Италија. Од Струмица до тој регион нема редовни автобуски линии туку само организиран комби превоз со кој патуваат и се враќаат струмичани кои имаат роднини или се со престој. До Пјанченца, каде што живеат многу нашинци, па струмичани си ја нарекуваат Струмиченца, возеа 2-3 регистрирани фирми со комбиња. Од Струмица тргнуваа во сабота, недела или во вторник во зависност од бројот на пријавени патници, но по дијагностицирањето на првата заболена од новиот коронавирус, нема организиран превоз со комбиња.

    Во Пјаченца и регионот околу Падова се претпоставува дека живеат околу 10 илјади Македонци, претежно од струмичко. Масовно иселување имаше до пред 4-5 години. Претежно се ислеуваа Македонци кои имаат и бугарски пасоши.

    Од Министерството за надворешни работи вчера препорачаа граѓаните да не патуваат во Италија откако добиле информации од Генералниот конзулат во Венеција за сериозноста на состојбата со коронавирусот.

    „Препорачуваме нашите граѓани да не патуваат во следниве региони и провинции: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција. Исто така препорачуваме да избегуваат непотребни патувања во останатите делови на Италија. За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk“, велат од Министерството за надворешни работи.

    Од таму информираат дека нашиот Генерален конзулат во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва, заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.

    „Во таа насока се одложува фотографирање на нашите граѓани за нови патни исправи. За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или [email protected]“, додаваат од МНР.

    А. АНТЕВСКА, В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира