НЕМА ПОТРЕБА ДА СЕ ТОЛКУВА НЕШТО ШТО НЕ ПОСТОИ, ЗАКЛУЧИ ЗАКОНОДАВНО-ПРАВНАТА КОМИСИЈA ЗА ЧЛЕНОТ 11 КОЈ ИВАНОВ ГО ИСКОРИСТИ ЗА АМНЕСТИИТЕ

    НЕМА ПОТРЕБА ДА СЕ ТОЛКУВА НЕШТО ШТО НЕ ПОСТОИ, ЗАКЛУЧИ ЗАКОНОДАВНО-ПРАВНАТА КОМИСИЈA ЗА ЧЛЕНОТ 11 КОЈ ИВАНОВ ГО ИСКОРИСТИ ЗА АМНЕСТИИТЕИзвештајот на Законодавно-правната комисија сега ќе оди на усвојување на пленарна седница на Собранието, но не порано од 11 декември, откако ќе заврши расправата на Комисијата за финансирање и буџет за буџетот за следната година. (Фото: СДК.МК)

    Собранието нема потреба да дава автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување оти тој не постои. Ова денеска беше едногласно изгласaно од членовите на Зaконодавно-правна комисија во Собранието откако пратениците на СДСМ Сашко Костов и Диме Велков од СДСМ поднесоа иницијатива за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.

    Иницијативата на двајцата пратеници следуваше откако Уставниот суд минатата недела одлучи да поведe постапка за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за помилување, кој му овозможи на претседателот на државата да ги повлече амнестиите против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, од април 2016, на чело со избеганиот Никола Груевски. Во случај Уставниот суд да го поништи членот 11-а, ќе се активира амнестијата за Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Сашо Мијалков и останатите од случаите на СЈО, сега префрлени во Јавното обвинителество.

    Пратеникот Сашко Костов кажа дека основната за поднесување на иницијативата била нивната убеденост дека во правниот поредок на нашата држава повеќе не постои членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година, со кој претседателот на државата во одредени околности може да даде помилување и надвор од редовната постапка.

    „Главната причина е донесената одлука од Уставниот суд да ја прифати иницијативата за оцена на уставноста на одлуката на поранешниот претседател на државата, со која го поништи помилувањето на 56 лица, кое претходно го имаше дадено, а со која, се предизвикаа протести и формирањето на Шарената револуција и незадоволство од страна на граѓаните. Доколку Уставниот суд ја прифати иницијативата би можело да доведе до тотален пораз на правната држава“, рече Костов.

    Пратеникот Ејуп Алими од ДУИ кажа дека не може да се бара автентично толкување за член што не постои и потенцира дека вистинскиот член 11 не постои поради тоа што е изменет во 2009 година, а потоа е укинат во 2016 година.

    Уставниот суд денеска ја одложи точката за помилувањата на експретседателот Ѓорге Иванов на 16 април 2016 година, за да се почека како ќе се изјасни Собранието во однос на автентично толкување на членот 11.

    Извештајот на Законодавно-правната комисија сега ќе оди на усвојување на пленарна седница на Собранието, но не порано од 11 декември, откако ќе заврши расправата на Комисијата за финансирање и буџет за буџетот за следната година.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари