НЕМА ВЕЌЕ ТАЈНИ ФОНДОВИ ЗА НОВАТА АГЕНЦИЈА ШТО ЌЕ ПРИСЛУШУВА И СЛЕДИ, ТРОШЕЊЕТО ЌЕ ИМ ГО КОНТРОЛИРА СОБРАНИЕТО

    НЕМА ВЕЌЕ ТАЈНИ ФОНДОВИ ЗА НОВАТА АГЕНЦИЈА ШТО ЌЕ ПРИСЛУШУВА И СЛЕДИ, ТРОШЕЊЕТО ЌЕ ИМ ГО КОНТРОЛИРА СОБРАНИЕТОМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на комисиска расправа ги одби сите суштински амандмани поднесени од Фросина Ташевска-Ременски и пратениците од СДСМ, но според нејзините најави, таа повторно ќе ги поднесе пред денешното гласање на Законот за Агенцијата за национална безбедност. (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата за национална безбедност нема да има тајни фондови со милионски суми пари, како што имала отсекогаш УБК. Од осамостојувањето, никогаш никој не знаел и не смеел да праша за што им се и за какви потреби ги трошеле агентите на УБК овие народни пари.

    Со амандман на Предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност, се укинува тајноста на трошењето на овие високи суми што ги добиваат тајните агенти. Пратеници кои ќе вршат надзор врз нејзината работа, ќе имаат увид за што ги трошат агентите доделените „средства за посебни намени“. Ова го договорија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност при расправата по амандманите за Предлог законот за Агенцијата за национална безбедност, кој веќе денеска е закажан за второ читање на пленарна седница на Собранието.

    Тешки злоупотреби на овие средства се правеа од страна на директори на УБК и вработени во Управата години и години наназад. Со ангажирање тајни агенти со прикриен идентитет како Александар Василевски-Нинџа, на 27 април 2017 година беше нападнат Парламентот и беше загрозен уставниот поредок и безбедноста.

    Во притвор за злоупотреба на околу 900.000 евра од тие пари „за посебни намени на Управата“, од 14 март 2019 година е Тони Јакимовски, шеф на кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Покрај него, уапсени за овој случај беа уште тројца сега веќе пензионирани вработени во УБК.

    „Во периодот од јануари 2007 до мај 2017 година, во 172 наврати, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“ ги уништувале, без посебно одобрение од директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 50.670.000,00 денари“, кажа тогаш обвинителката Вилма Рускоска.

    Но, она за кое не се договорија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски, зад чии амандмани за законот стојат Мухамед Зеќири, Павле Богоевски и други пратеници од владејачкото мнозинство, е членството на двајца пратеници во комисијата за селекција на подобни од неподобни кадри од УБК за во новата Агенција за национална безбедност што ќе ја замени. Ременски вели дека мешањето на законодавната власт во бирањето кадри за Агенцијата врз која Собранието врши надзор и контрола, е неуставно.

    Таа и Зеќири сметаат дека реформите во безбедносниот сектор не смеат да бидат површински, туку суштинско менување на начинот на нивното функционирање. Според Зеќири, учеството на политички партии во селекција на лица од УБК кои потоа ќе бидат вработени во Агенцијата, било договорено на барање на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Ќе се селектираат вработени без критериуми и што не ги исполнуваат условите. Има еден куп криминалци во УБК од време на ВМРО-ДПМНЕ како Нинџа и компанија па место да ги избркаат ќе најдат место за нив во администрацијата“, пишува тој на својот фејсбук профил.

    Претседател на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност е Трајко Вељаноски и тој ќе треба да предложи двајца пратеници да ја мониторираат селекцијата, без право на глас.

    Ременски не успеа да го убеди Спасовски ни за дискреционото право на директорот на Агенцијата за национална безбедност без судска наредба да може да издава наредба за собирање информации преку лица со прикриен идентитет. Одбиените нејзини куп амандмани на Комисијата за одбрана и безбедност, најави дека ќе ги репризира на денешната пленарна седница, овојпат пред сите пратеници.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари