Министерот за здравство Арбен Таравари нема законска пречка да биде истовремено и кандидат за градоначалник на Гостивар, но, според досегашната пракса, со поднесувањето кандидатура за локалните избори, министрите и пратениците си поднесуваа оставки пред да почне кампањата. Таравари синоќа ја изненади јавноста со најавата дека ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар, но дека ќе остане на министерската функција и само ќе земе две недели одмор за предизборната кампања.
„Најверојатно да, ќе се кандидирам за градоначалник на Гостивар, како кандидат на Алијансата. До почнување на предизборната кампања останувам во Министерството за здравство. За време на кампањата ќе земам две недели одмор, меѓутоа ќе одам во Министерството за да завршам неопходни работи“, изјави Таравари за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Пред локалните избори во 2013 година, министрите на ДУИ Теута Арифи и Невзат Бејта си дадоа оставки за да се кандидираат за градоначалници на Тетово и на Гостивар. Нивното образложение беше дека оставките се морален чин за да учествуваат во изборната кампања, а и за да нема злоупотреби на министерските функции. Од функцијата пратеник се повлече тогаш и Арбен Лабеништа, кој се кандидираше за градоначалник на Струга.
Според извори од партијата на Зијадин Села, по неуспешните преговори со БЕСА за заеднички да настапат на локалните избори на 15 октомври, тие одлучиле во Гостивар да настапат самостојно, а нивен кандидат да биде Таравари.