НЕМАМ ДОКАЗИ ДЕКА РУСИЈА СО ЛАЖНИ ВЕСТИ ВЛИЈАЕ ВРЗ РЕФЕРЕНДУМОТ, ИЗЈАВИ ЗАЕВ

    НЕМАМ ДОКАЗИ ДЕКА РУСИЈА СО ЛАЖНИ ВЕСТИ ВЛИЈАЕ ВРЗ РЕФЕРЕНДУМОТ, ИЗЈАВИ ЗАЕВНие сакаме да градиме пријателски односи со Руската Федерaција, тие го поддржуваат членството во ЕУ, но се против Македонија да влезе во НАТО и ние се обидуваме да ги убедиме дека немаме друга алтернатива - Заев се обраќа на Маршот за Европска Македонија што се одржа на 16 септември во Скопје (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев вели дека тој нема докази да каже дека Русија или било која земја влијае со лажни вести врз референдумот за името.

    „Ние сакаме да градиме пријателски односи со Руската Федерaција, тие го поддржуваат членството во ЕУ, но се против Македонија да влезе во НАТО и ние се обидуваме да ги убедиме дека немаме друга алтернатива. Ако имам докази за мешање со лажни вести јас јавно ќе ги споделам” рече Заев на конференцијата за медиуми ЕУ – Западен Балкан што утринава почна во Скопје.

    Прашањето беше поттикнато од изјавата на портпаролот на Пентагон Ерик Пеон, дадена за „Њујорк тајмс“ пред денешната посета на државниот секретар за одбрана Џејмс Матис на Македонија, кој рече: „Русија се обидува да ги убеди Македонците дека Западот ќе ги напушти, дека Русија е стабилното влијание во регионот. Тоа едноставно не е вистина. Промената на името и влегувањето на земјата во Алијансата ќе го намали влијанието на Москва. Зачленувањето на Македонија во НАТО е еден од најлошите кошмари на Русија“.

    Весникот, повикувајќи се на американски разузнавачи објави дека „40 нови сајтови се појавуваат дневно на Фејсбук да ги охрабрат луѓето да го бојкотираат референдумот и овие сајтови, кои потекнуваат надвор од земјата, се вклопуваат во шемата на руското влијание на други избори“.

    Самиот Матис пред новинарите во авионот за време на летот до Скопје, според „Вашингтон пост“ изјавил: „Нема сомнение дека Москва финансира проруски групи во Македонија со цел неуспех на референдумот за името на земјата“.

    Заев рече и дека државниот секретар за одбрана на САД Матис е дојден да ги охрабри граѓаните да си го искористат своето демократско право на референдумот и очекува со него да разменат искуства како партнерски земји.

    На дводневната конференција учествува и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, кој меѓу другото повика граѓаните во  Македонија да излезат на референдумот и да го искористат правото на глас.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира