Уште на 2 јули 2017 Специјалното јавно обвинистелство (СЈО) констатирало дека има опасност од бегство на обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски во случајот „Титаник“, кога им биле одредни мерки на претпазливост. Притворот, како што објаснуваат денеска во соопштение од СЈО, бил побаран поради околности кои укажуваат на основана опасност за нивно бегство.
„На предлог на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, имајќи ги предвид сознанијата дека обвинетите планираат бегство како околности кои укажуваат на основана опасност за нивно бегство, констатира дека целите на мерките за обезбедување на присуство на двајцата обвинети во текот на оваа постапка не можат да се постигнат со дотогашните определени мерки на претпазливост, од кои причини донесе одлуки за изрекување на мерка притвор за двете лица, како неопходна мерка за непречено водење на кривичната постапка и обезбедување нивно присуство“, се вели во соопштението на СЈО.
На Јанакиески притворот му беше одреден на 14 ноември на барање на СЈО по претходна службена белешка од УБК, дека пробал преку посредник да побара амнестија од Иванов по бегството на Никола Груевски. Според таа белешка, наводно, кога Иванов го одбил, Јанакиески кажал дека штом е така, и тој ќе избега.
Адвокатот на притворениот ексминистер за транспорт Миле Јанакиески, Еленко Миланов, во четвртокот ја оспори во негово име службената белешка од УБК, со која се тврди дека ќе бега и тој како Никола Груевски штом претседателот Иванов одбил да го амнестира. Таа службена белешка била основ да биде побаран и определен притвор за него.
„Не се точни наводите во таа службена белешка на УБК дека испратил посредник кај претседателот Ѓорге Иванов за да преговара да му даде амнестија. Јанакиески и Иванов се долгогодишни куќни пријатели кои се посетуваат на разни семејни поводи години наназад. Според тоа, не му ни треба посредник за да се видат. На 13 ноември, завчера, Јанакиески лично отишол кај Иванов за да разговараат за документ кој е дистрибуиран кај лидероте на партиите и кај странските амбасади и тој не бил тајна. За каков документ се работи, немам податоци“, рече адвокатот Миланов.
А. АНТЕВСКА