НЕРЕГИСТРИРАНИ СРЕДСТВА ЗА ДЕЗИНФЕКЦИЈА ГО ПРЕПЛАВИЈА ПАЗАРОТ, СО ИТНИ НАБАВКИ ГИ КУПУВААТ И ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИ

    НЕРЕГИСТРИРАНИ СРЕДСТВА ЗА ДЕЗИНФЕКЦИЈА ГО ПРЕПЛАВИЈА ПАЗАРОТ, СО ИТНИ НАБАВКИ ГИ КУПУВААТ И ДРЖАВНИ ИНСТИТУЦИИПојавата на бројни нерегистрирани производи за дезинфекција, дел од нив со слични имиња со етаблираните производи, може да доведе до забуна кај потрошувачите, како и лажно чувство на сигурност. - Граѓани чекаат ред пред маркет (Фото: Ѓ. Личовски)

    Поради епидемијата на коронавирус драстично е зголемена побарувачката за средства за дезинфекција, но на пазарот се појавија голем број нови производи кои не се регистрирани, а многу од нив имаат и слични имиња со веќе етаблирани производи, што може да ги доведе во заблуда потрошувачите. Со самото тоа што не се регистрирани, не е проверен квалитетот на овие производи, па може да предизвикаат и лажно чувство на сигурност кај потрошувачите, бидејќи нема потврда дали го поседуваат декларираното дејство за дезинфекција.

    За ова минатата недела предупреди и најголемата фармацевтска компанија кај нас „Алкалоид“, од каде што соопштија дека на пазарот се појавија производи кои се фалсификати на нивните средства за дезинфекција Ecosal® и Dezintal®, кои се заштитени трговски марки.

    „Апелираме до купувачите да внимаваат при купувањето, бидејќи фалсификуваните производи не ги исполнуваат стандардите за квалитет, при што би можело да дојде до несакани дејства врз безбедноста и здравјето на купувачите. Исто така, се доведува во прашање и ефикасноста на овие производи, кои во моменталната ситуација се од исклучителна важност“, соопшти тогаш „Алкалоид“.

    Наспроти производите на „Алкалоид“ како Дезинтал, Екосал Форте и Бактосал, кои се заштитени трговски марки, на пазарот се појавија производи со слични називи, како Дезинтфреш, Дезинстаф, Бактосепт Форте, Пакосал, Екосептол…

    Министерството за здравство испрати известување до сите јавни и приватни здравствени установи да користат исклучиво производи за дезинфекција кои поседуваат дозвола и решение за ставање во промет на биоциден производ издадена од Министерството за здравство, заради заштита на здравјето на луѓето.

    И покрај известувањето дел од државните институции инсистирајќи на итност, во критериумите не предвиделе производите за дезинфекција да бидат регистрирани од  Министерството за здравство. Имало повеќе случаи кога дури и некои министерства набавиле  нерегистрирани производи за дезинфекција и тоа го дознале дури откако средствата стигнале кај нив, дознава  САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Поради вонредната состојба, државните институции сега не распишуваат тендери за набавка на средства за дезинфекција, туку склучуваат договори со преговарање. И ваквите договори со преговарање, во нормални услови треба да бидат одобрени од Бирото за јавни набавки, но сега, во вонредна состојба, не треба таква дозвола, бидејќи е во прашање здравјето на граѓаните и станува збор за итни набавки.

    Постапката сега е таква што институцијата прави анализа на пазарот и потоа повикува фирми да дадат понуда, без да се објави оглас. Врз основа на преговорите со повиканите фирми се бира најдобра понуда. Меѓутоа многу често се избира само една фирма и се склучува договор со неа.

    Центарот за граѓански комуникации, невладина организација која ги мониторира постапките за набавките на јавните и државните институции и како се трошат јавните пари направи првично истражување за итните набавки поврзани со КОВИД-19. Во половина од склучените договори се преговарало со само една фирма.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира