Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ, одговарајќи на новинарско прашање дали е можно да добиеме безусловни преговори, а процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите.
„Уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ и неверојатно е навистина она што Северна Македонија досега го има постигнато и затоа навистина посакувам Северна Македонија да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат“, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.
Понатаму, Фон дер Лајен се надева дека сите партии ќе го искористат моментот и ќе ги поддржат уставните промени, затоа што, како што кажа таа, сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија.
„Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам токму поради тоа дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство, истакна таа“, вели Фон дер Лајен.
Во рамки на денешната посета на Скопје, Фон дер Лајен ќе посети фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, корисник на средства од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ.