НЕЗАКОНСКИ Е ДА ИМА ПОСЕТИ, НИЕ ПРЕДУПРЕДУВАВМЕ, ВЕЛИ КООРДИНАТОРОТ НА ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР ГЗИМ НУРЕДИНИ

    НЕЗАКОНСКИ Е ДА ИМА ПОСЕТИ, НИЕ ПРЕДУПРЕДУВАВМЕ, ВЕЛИ КООРДИНАТОРОТ НА ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР ГЗИМ НУРЕДИНИЗа спасените 12 пациенти од изгорениот ковид центар Нуредини кажа дека се во релативно добра состојба, немаат проблеми предизвикани од пожарот. (Фото: СДК.МК)

    Координаторот на ковид центарот во Тетово Гзим Нуредини вели дека таму никако не смеело да има посети, откако утринава и официјално беше потврдено дека меѓу жртвите во пожарот имало и роднини на пациенти.

    Ковид центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, при што загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини.

    „Незаконски се посетите. Секоја посета е казнива, и по протоколи. Не може роднини да се грижат за пациентите. Ние и порано имавме укажувања и мене ме известиле и директорот дека имало посети, но ние испративме известување до сите во болницата дека никако не се дозволува посета. Овде во Тетово има и вработени од цела клиника, сестри и медицински техничари, кои се роднини. Бараме име и презиме кои биле ако се вработени и дали биле вo работно време или дошле во слободно време. Сите биле со маски и заштитна облека, според антиковид протоколите“, изјави Нуредини.

    За спасените 12 пациенти од изгорениот ковид центар тој кажа дека се во релативно добра состојба, немаат проблеми предизвикани од пожарот.

    „Пациентите кои се спасени се во релативно добра здравствена состојба и кај нив нема знаци на повреди од огнот, немаат кожни или други проблеми од инцидентот таа вечер. За среќа тие пациенти, кои веднаш се префрлени во други одделенија, биле во подобра здравствена состојба и при овој вакуум што настанал кога останале без кислородна поддршка при префрлање во другите одделенија, не создало проблеми кај нив. Имаме доволно слободни кревети и немаше проблеми околу нивното сместување. Пожарот за три минути го опфати целиот простор и тие што се спасиле тоа го направиле во тој временски интервал од три минути. Сите оние што починаа при пожарот, нивните тела беа пратени во Скопје во Клиниката за судска медицина бидејќи имаа изгоретини од повисок степен и ние не можевме да ги идентификуваме“, изјави Нуредини.

    Што се однесува до моменталната состојба во ковид-19 во Тетово, Нуредини вели дека во изминатите 24 часа, има само еден смртен случај кај 72-годишник, кој бил на болничко лекување во зградата од интернистичкиот блок. Тој имал повеќе хронични болести. Во моментов има 57 хоспитализирани пациенти.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира