НИ СВЕТИ МИЦКО НЕ МОЖЕ ДА ГО ЗАПРЕ ОВОЈ ПРОЕКТ, КАЖА ГРУБИ НА ПОСТАВУВАЊЕТО КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА АВТОПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛА

    НИ СВЕТИ МИЦКО НЕ МОЖЕ ДА ГО ЗАПРЕ ОВОЈ ПРОЕКТ, КАЖА ГРУБИ НА ПОСТАВУВАЊЕТО КАМЕН-ТЕМЕЛНИК НА АВТОПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛААртан Груби, кој беше назначен од Владата за координатор на проектот, денеска зборуваше на поставувањето камен-темелник на автопатот Прилеп-Битола. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Вицепремиерот Артан Груби вели дека проектот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10Д не може никој да го запре, па ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Груби, кој беше назначен од Владата за координатор на проектот, денеска зборуваше на поставувањето камен-темелник на автопатот Прилеп-Битола.

    „Фактот дека сите министри и апсолутно мнозинство на пратеници стојат зад овој проект е најголема гаранција за сите граѓани дека ниту Мицкоски, ниту Свети Мицко ќе може да го запре овој проект. Овој проект продолжува и сите влади, а следната ќе биде истата како денес, ќе го заврши овој проект и ќе ги пресече лентите“, кажа Груби во Прилеп, додавајќи дека „никој нема да го сопре возот што кон Брисел“.

    Спорните закони во врска со овој проект ќе се носат со европско знаменце и ќе одат по забрзана процедура во Собранието.

    „Тоа што го гледате денес во Собранието и тоа што пред една недела го направи Владата на седница, е порака дека е дојден крајот на заложништвото на Собранието, на проектите и на иднината на граѓаните и на Северна Македонија. Оваа владина коалиција и ова парламентарно мнозинство, од минатиот петок демонстрира што значи да се стави крај на апсолутната блокада и заложништво на иднината на граѓаните. Тоа нема да се толерира и се демонстрира дека е дојден крај“, вели Груби.

    Мицкоски претходно кажа дека обврските што ги презема Владата од договорот со „Бехтел и Енка“, конзорциумот кој ќе ги гради автопатиштата, ја ставаат земјата во подредена положба и ќе создаваат проблем во следната деценија.

    Проектот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10Д треба да чини најмалку 1,3 милијарда евра. Покрај Прилеп– Битола, „Бехтел и Енка“ ќе и гради делниците Тетово–Гостивар–Букојчани и  Требеништа–Струга–Ќафасан.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира