„Сакаме да ја видиме Македонија на патот кон Европската Унија и НАТО. Иако не сте членка на ЕУ, нашето пријателство ќе расте, никогаш не сме биле поблиску како пријатели“, рече британската премиерка Тереза Меј после средбата во Владата со премиерот Зоран Заев.
Ова е прва посета на британски премиер на Република Македонија од 1999 година, кога земјава ја посети тогашниот премиер Тони Блер за време на косовската бегалска криза. Посетата на Меј се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Лондон и Скопје, за што таа вели дека Британија и Македонија не биле никогаш поблиски. Британската премиерка во Скопје допатува од Софија, каде што учествуваше на Самитот на Европската унија за Западен Балкан.
Меј на заедничката прес-конференција рече дека во земјава само неколку месеци после парламентарните избори дошло до промени, дека Владата им подала рака на соседите и сериозно и храбро пристапила кон решавање на спорот за името со Грција.
„Горда сум што ја посетувам вашата земја после долги години. Вашата земја е интегрален дел од Европа. Поддршката што ја добиваме од Македонија во случајот Скрипал е важна за нас”, рече Меј.
Премиерот Заев рече дека Македонија ќе продолжи да дава причини да ги одржи и зајакне односите со Велика Британија.
„Вашето присуство овде ја покажува вашата поддршка за евроатланските интеграции на Македонија. Ви благодарам за честа што сте тука во клучен момент за нашата држава кога се поставува темелната одредница кон НАТО и ЕУ“, рече Заев.
А. АНТЕВСКА