Никој нема надлежност врз дејноста за издавање на педалинки. Лицата кои изнајмуваат педалинки на туристичките локации во земјава треба само да имаат регистрирано дејност и слободно можат да си работат. Не треба да вадат никава лиценца или да добиваат дозвола за работа.
Од Министерството за транспорт и врски објаснуваат дека педалинките се водат во категоријата реквизити за рекреација и затоа нивните сопственици не се должни да ги регистрираат.
„Капетанијата на пристаништата, во рамките на Министерството за транспорт и врски, нема надлежност врз дејноста за издавање и изнајмување на педалини. Со оглед на тоа што педалините се категоризирани во групата ‘реквизити за забава и рекреација‘ според член 3 точка 14 од Закон за внатрешна пловидба, педалина е пловен објект со посебна конструкција, без сопствен погон, наменет за рекреација, сопствениците не се должни да ги регистрираат. Според тоа, Законот за внатрешна пловидба не предвидува истите да се евидентираат во Регистар“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Според тоа, објаснуваат од Министерството, Капетанијата на пристаништата не води Регистар и не располага со податоци за бројот на педалини и тоа во чија сопственост припаѓаат.
Единствена одредба која се однесува за педалинките според Законот за внатрешна пловидба е задолжително носење заштитна опрема односно елеци. Согласно член 66-а од Законот за внатрешна пловидба, лицата кои се наоѓаат на чамец на воден млазен погон, скутер, даски за едрење, кајак, кану, спортски реквизити за водни спортови и педалини на себе мора да имаат појаси за спасување.
Од Капетанијата велат дека тие долж Охридското езеро вршат контроли дали лицата кои издаваат педалинки им даваат заштитни елеци на клиентите. Бидејќи не можат секој ден да се на терен во Преспа и Дојран, велат дека контролата таму ја прави полицијата.
„Проблемот е што младите кои ги изнајмуваат педалинките не сакаат да ги носат елеците. Веднаш штом се качат на педалинката ги соблекуваат“, велат од Капетанијата.
Во саботата, во Преспанскоот Езеро се удави 16-годишно момче по скок од педалинка. Неговото тело беше пронајдено денеска. Од спасувачкиот тим кој учествуваше во потрага по телото, велат дека ниту едно од трите момчиња кои биле на педалинката не носеле заштитни елеци.
Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека ниту за педалините, ниту за концесионерите немаат надлежност како Општина. На нашето прашање дали издавачот на педалинки во Претор има регистрирано фирма, рече дека тие работат во договор со концесионерот на плажата.
А. АНТЕВСКА