НИТУ ЕДНА СМЕТКА НА ЦЕНТРИТЕ ЗА ДИЈАЛИЗА КАЈ НАС НЕ Е БЛОКИРАНA И ТИЕ ФУНКЦИОНИРААТ КАКО ШТО ТРЕБА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА ИСТРАГАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

    НИТУ ЕДНА СМЕТКА НА ЦЕНТРИТЕ ЗА ДИЈАЛИЗА КАЈ НАС НЕ Е БЛОКИРАНA И ТИЕ ФУНКЦИОНИРААТ КАКО ШТО ТРЕБА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА ИСТРАГАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛМинистерот за здравство Венко Филипче рече дека за случајот што го води Основното јавно обвинителство се информирал од медиумите, а дел од вработените во Министерството загрижени за состојбата на пациентите за дијализа вчера барале информации од центрите за дијализа. - Венко Филипч; Јавно обвинителство (Фото: СДК.МК)

    Пациентите што се на дијализа не се загрозени, а центрите за дијализа функционираат како што треба, кажа министерот за здравство Венко Филипче по вчерашните информации од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека побарало од Кнежевството Монако да ги запре извршувањето на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на концесионер на центри за дијализа во Македонија.

    Тој рече дека за случајот се информирал од медиумите, а дел од вработените во Министерството кои исто така се загрижиле за состојбата со пациентите со бубрежна болест и кои се на дијализа во текот на вчерашниот ден директно барале информации од центрите за дијализа.

    „Според информациите што ги имаме ниту една од тие сметки кај нас не се блокирани, така што центрите за дијализа функционираат како што треба“, рече Филипче.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера соопшти дека од оформувањето на предметот во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија, презема низа активности за расветлување на случајот.

    Извори од обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека побараното блокирање на сметките е во врска со фирмата „Диамед Македонија“, бидејќи обвинителството дознало дека на почетокот на месецот таа била продадена на друга фирма, а парите од продажбата биле префрлени на сметки во Монако.

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ОД МОНАКО ДА ГИ ЗАМРЗНЕ 11-ТЕ МИЛИОНИ ЕВРА ОД ПРОДАЖБАТА НА ФИРМА КОЈА СТОПАНИСУВА СО ЦЕНТРИ ЗА ДИЈАЛИЗА

    „Во рамките на постапката, надлежниот јавен обвинител во изминатиот период, дојде до сознанија дека правното лице – концесионер на центрите за дијализа е отуѓено, а финансиски средства во значителен износ се префрлени на сметки во Монако. Преку меѓународна правна помош доставено е барање до Кнежевството Монако за запирање на извршување на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на правното лице во износ од 11 милиони евра. Воедно, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од Кнежевството Монако е доставено барање за вклучување на нивен обвинител во истрагата, на што обвинителството позитивно одговори и го одобри барањето“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира