НОВА ЛИДЕРСКА СРЕДБА НАПЛАДНЕ СПОРЕД БАРАЊАТА НА МИЦКОСКИ

    НОВА ЛИДЕРСКА СРЕДБА НАПЛАДНЕ СПОРЕД БАРАЊАТА НА МИЦКОСКИЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти вчерашната лидерска средба бидејќи била организирана во чуден формат. - Мицкоски и Каракамишева пристигнуваат на вчерашната лидерска средба во Клубот на пратници (Фото:К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев закажа нова лидерска средба во Клубот на пратеници за 12 часот според барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но не прецизираше кои партии ќе присуствуваат на средбата.

    „Ако Мицкоски е за ЕУ и НАТО требаше да седи рамо до рамо со сите политички партии и да носи одлуки. Но тој наместо тоа одлучи да избега од лидерската средба и да избега од оваа историско прашање. Што е тоа што е спремен Мицкоски да го каже со помал состав? Но, јас сум широк човек и ова прашање е многу важно, дали е за Македонија да биде во НАТО и ЕУ и дали е за тоа граѓаните да одлучуваат за тоа. Затоа закажувам нова лидерска средба според барањата на Мицкоски“, рече премиерот Заев, по завршувањето на вчерашната лидерска средба во проширен состав.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти лидерската средба бидејќи била организирана во чуден формат и дека не присуствувале сите политички партии кои имаат пратеници во Собранието. Тој на средбата дојде со професорката на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска, која е член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

    „ВМРО-ДПМНЕ бара од премиерот Зоран Заев да организира вистинска лидерска средба на четири партии. Најголемата кај Македонците од власта, најголемата кај Албанците од власта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија кај Албанците“, рече Мицкоски.

    ВМРО-ДПМНЕ останува на своите ставови, пред да се разговара за ДИК да се донесат сите реформски закони, кои беа договорени кога партијата се врати по бојкотот во Собранието.

    Вчера премиерот Зоран Заев објави како ќе гласи можното референдумско прашање:

    „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на договорот за името меѓу Македонија и Грција“.

    „Референдумот треба да биде консултативен, а волјата на граѓаните ќе биде конечна за сите политички чинители“, кажа Заев и го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да овозможи да се спроведе референдумот.

    „Разговаравме и за насоката на која не упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието допрва треба да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да биде донесена одлуката, а согласно договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени“, рече Заев.

    Заев рече дека лидерската средба со претставници на сите политички партии ја свикал за сите заедно да одучат и да се обезбеди стабилност, безбедност и просперитет на земјава. Напуштањето на средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за Заев е несериозно, неодговорно и навредливо однесување.

    За барањето на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија за обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, Заев рече дека ниту тој ниту Мицкоски немаат право да амнестираат некого во земја во која законите треба да важат за секого.

    На лидерската средба присуствуваа претставници на 11 парламентарни партии.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира