НОВАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА ВО СКОПСКИ АЕРОДРОМ ЌЕ БИДЕ ВИСОКА 18 МЕТРИ, РАСПИШАН КОНКУРС ЗА ИДЕЕН ПРОЕКТ

    НОВАТА ГРАДСКА БОЛНИЦА ВО СКОПСКИ АЕРОДРОМ ЌЕ БИДЕ ВИСОКА 18 МЕТРИ, РАСПИШАН КОНКУРС ЗА ИДЕЕН ПРОЕКТВо новата градска болница во Аеродром, која ќе се гради на местото на „Мајчин дом“ треба да се префрли градската болница „Св. Наум Охридски“ која е руинирана и во лоша состојба (Фото: М. Златевска)

    Новата градска болница, која Министерство за здравство ќе ја гради на местото на „Мајчин Дом“ во скопската општина Аеродром и каде треба да се префрли сегашната градска болница „Св. Наум Охридски“ ќе има 20 амбуланти согласно специјалноста, болнички дел со капацитет за 240 пациенти, осум хируршки сали, комплетна лабораторија, радиолошки оддел со апарати за мамографија, компјутерска томографија, магнетна резонанца и рендген дијагностика. Ова е предвидено со конкурс за избор на идеен проект за изградба на нова градска болница во Општина Аеродром, кој го распиша Министерството за здравство.

    Префрлањето на старата градска болница од строгиот центар на Скопје во нов објект на местото на „Мајчин дом“ во Аеродром пред повеќе од еден месец го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој кажа дека зградата на поранешна градска болница е премногу стара и руинирана и дека секоја реконструкција нема да има долгорочен ефект. Тој кажа дека со оваа идеја се согласиле и вработените од „Св. Наум Охридски“.

    Огласот е отворен 35 дена, односно завршува на 18 јули, а првите три најдобри идејни решенија ќе добијат награди од 5.000, 2.000 и 1.000 евра во денарска противвредност. Според тендерската документација наградите истовремено ќе бидат и откуп на авторските права и обесштетување на авторите во целост, за што тие ќе треба да дадат писмена согласност.

    Во жири комисијата која ќе ги оценува пристигнатите проекти покрај Веселинка Герасимовска Петровска, од Комората на овластени архитекти и инженери, е и Љупчо Балковски, од проектната единица за имплементација на Министерството за здравство и директорот на „Св. Наум Охридски“ д-р Иван Спировски.

    Идејниот проект треба да предвиди градба на градска болница со максимална висина од 18 метри, односно таа ќе има приземје и четири ката. Според описот во конкурсот градежната парцела за проектирање на новата болница е предвидена во ДУП за градска четврт И10 во Општина Аеродром, и има површина од 7.671 метар квадратен. Површината за градба пак е 3.728 метри квадратни со бруто развиена површина од 18.640 метри квадратни, со процент на искористеност од 49 отсто. Сообраќајниот пристап до болницата е решен од два крака односно од булевар Васко Карангелевски и булевар Јане Сандански.

    Проектот треба да обезбеди простор за работа на 280 медицински лица, 110 технички персонал и 30 лица во администрација. Со конкурсот се бара во проектот да има болнички дел, лабораторија, простор за администрација и персонал, технички дел и магацин, приемен хол, аптека, чекална кафетерија.

    Амбулантскиот дел треба да има 20 амбуланти согласно специјалноста, мала операциона сала за згрижување помали повреди, рендген дијгностика за итни случаи и компјутерска томографија и интензивна нега за изгореници.

    Во болничкиот дел треба да се предвиди простор за сместување на 240 пациенти, со интензивна нега со капацитет од 20 пациенти и соба за будење со капацитет за шест пациенти. Во болничкиот дел треба да има простор и за дневна болница со капацитет за 20 лица, која треба да биде на приземје заедно со одделите за трауматологија, абдоменална хирургија и неврохирургија.

    Во радиолошкиот оддел треба да има предвиден простор за мамографија, компјутерска томографија, магнетна резонанца и рентген дијагностика.

    Во оперативниот блок треба да има осум хируршки сали, од кои шест би се користеле за закажани операции, една за итни случаи, а една за нечисти операции, односно гангрени и изгореници.

    Со јавниот оглас се бара во идејниот проект да има хистолошка и цитолошка лабораторија, биохемиска и хематолошка лабораторија.

    Покрај магацински простор и болничка аптека, со проектот треба да се предвиди и простор за помошна кујна каде ќе се сместува храната и пијалоците кои ќе се обезбедуваат со кетеринг.

    „Системот на здравствена заштита во Македонија е организиран на три нивоа, примарна секундарна и терциерна. За да се обезбеди болничка заштита во дефинираната мрежа на општи и специјализирани болници и соодветно да одговори на потребите на жителите на Скопје Министерството за здравство смета дека е потребно да се подигнат капацитетите на градските болници и на тој начин да се намали притисокот врз терциерното здравство во постојниот клинички центар. Новата градска болница треба да понуди подобра достапност на населението на Скопје до потребните здравствени услуги подобрување на квалитетот и сигурноста на пружените болнички услуги. Новата градска болница треба да имплементира еден нов модел за пружање амбулантска здравствена заштита и дневна хирургија со неинвазивни постапки за да се намали должината на болничкиот престој“, стои во образложението на конкурсот за потребата од ваков проект.

     

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира