Веднаш штом ќе се укине екстерното тестирање за учениците, новата влада ќе ги забрани и партиските ангажмани на наставниците. Извори од СДСМ велат дека во најбрзо време ќе се направат измени на Законите за основно и за средно образование, како и на Законот за наставници со кои ќе се забрани присуството на партиски митинзи на лицата кои се вработени во образованието. Во спротивно, секое присилување на наставниците на партиски ангажман, ќе се смета за мобинг.
„Ќе биде забрането партиски ангажмани и давање на наредби за наставничките да присуствуваат на митинзи. Ќе се смета за мобинг на работно место“, велат од партијата.
Изминатите години наставниците во училиштата добиваа партиски задачи да одат редовно на митинзи. Наставата во основните и во средните училишта завршуваше порано, а децата имаа скратени часови за да можат нивните учители да одат на партиските собири и протести.
Ваквите практики никогаш не беа регистрирани од Просветната инспекција, ниту пак од Државниот инспекторат за труд.
За наставничките, од СДСМ велат дека идејата е нивно ослободување, а ќе имаат обврска слободното време да го користат за јакнење на личниот интегритет, градење кариера, внесување иновации во предавањето и комуникација со учениците на часовите.