НОВИ ШЕСТ ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ ПРИМЕНИ НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА, ЛЕКАРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ДОПРВА ЌЕ СЕ ШИРИ БОЛЕСТА

    НОВИ ШЕСТ ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ ПРИМЕНИ НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА, ЛЕКАРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ДОПРВА ЌЕ СЕ ШИРИ БОЛЕСТА„Од Инфективна клиника информираат дека ова е бран на ново заболени, и дека очекуваат бројката да расте. Епидемијата од морбили се шири во другите градови, односно меѓу пациентите на Инфективна клиника има и од Велес и Гевгелија“, велат од Министерство за здравство (Фото: СДК.МК)

    Шест нови заболени од мали сипаници вчера се примени на Клиниката за инфективни болести, а тројца се амбулантски прегледани, соопшти Министерството за здравство.

    „Од Инфективна клиника информираат дека ова е бран на ново заболени, и дека очекуваат бројката да расте. Епидемијата од морбили се шири во другите градови, односно меѓу пациентите на Инфективна клиника има и од Велес и Гевгелија. Најчести компликации од морбилите се белодробните воспаленија, кои може да бидат толку сериозни, што некои од пациентите може ќе има потреба да бидат ставени на апарати за дишење“, велат од Министерство за здравство.

    Според Министерството за здравство значително е подобрена состојбата на детето со церебрална парализа, кое од мали сипаници се лекува на Клиниката за инфективни болести и кое претходно беше во тешка состојба.

    „Подобрена е и постабилна е состојбата и на 8 годишното девојче, кое има астма и истовремено се заразило и со морбили и со варичела. На Клиниката за инфективни болести во моментов има вкупно 24 пациенти со морбили. Денес до 13 часот вакцинирани се вкупно 4.345 деца со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит)“, велат од Министерство за здравство.

    Во сите универзитетски клиники вчера донесена е одлука за ограничување на посета на пациентите, односно да се забрани посета на пациенти кои лежат на клиниките се до крајот на траењето на епидемијата. Оваа мерка е донесена по препорака на Министерството за здравство, за да се спречи ширење на епидемијата со мали сипаници.

    Апелираме до родителите да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство. На трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“ има дежурни лекари секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот. На овие три места се вршат комплетни прегледи со лабораторија.

    „Во работните денови родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар, или во дежурните пунктови. Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира