НОВИОТ ДИРЕКТОР НА КЛИНИКАТА ЗА УРОЛОГИЈА БАШКИМ ШАБАНИ ВО 2019 ПРЕТЕПАЛ КОЛЕГА, КРИВИЧНИОТ СУД ГО ОСУДИЛ ДЕКА Е ВИНОВЕН

    НОВИОТ ДИРЕКТОР НА КЛИНИКАТА ЗА УРОЛОГИЈА БАШКИМ ШАБАНИ ВО 2019 ПРЕТЕПАЛ КОЛЕГА, КРИВИЧНИОТ СУД ГО ОСУДИЛ ДЕКА Е ВИНОВЕНД-р Шабани е назначен за директор на Клиниката на 6 август, а го именуваше министерот за здравство д-р Арбен Таравари. (Фото: Фејсбук)

    Новоименуваниот директор на Клиниката за урологија Башким Шабани, при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, има судска пресуда од 2020 година со која е огласен за виновен дека во 2019 претепал колега, удирајќи го по главата и по телото. Урологот Шабани го признал делото, искажал каење за тоа што го сторил, па поминал со пресуда „Опомена“, изречена од судијката Моника Бахчовановска од Основниот кривичен суд Скопје.

    Д-р Шабани е назначен за директор на Клиниката на 6 август, а го именуваше министерот за здравство д-р Арбен Таравари, како кадар на коалицијата Вреди.

    Настанот за кој овој лекар добил само прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир од МВР, а не и кривична пријава до Обвинителството, се случил на Клиниката, на втори мај 2019.

    „Поради меѓусебно недоразбирање, обвинетиот физички го нападнал Л. В.. Фаќајќи го за рака, го повлекол и го удрил со шлаканица по лицето. Потоа го удирал со тупаници во пределот на главата и по телото, при што му нанел видливи повреди, црвенила и подливи на лицето и на вратот“, стои во образложението на пресудата.

    Судијката Бахчовановска му изрекла само Опомена и го задолжила да плати судски трошоци од 1.000 денари. Како отежителна околност ја навела одговорната професија на обвинетиот, лекар, како и нападот што го извршил на јавно место, а како олеснителни околности дека бил татко на 4 деца, го признал делото, па искажал „искрено каење“ за претепувањето.

    Судијката навела дека со изречената Опомена, „ќе се постигнат целите на казнувањето во конкретниот случај“.

    САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања во врска со назначувањето на д-р Шабани до министерот Таравари. Неколку часа по објавувањето на текстот, од Министерството за здравство одговорија:

    „Именуваниот директор ги исполнува условите за именување за медицински директор, согласно член 105 од Законот за здравствена заштита, односно има доставено потврда од казнена евиденција дека не му е изречена забрана за вршење дејност или должност“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира