НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ЗА 4 ГОДИНИ АКО ПРОЕКТОТ И ИЗВЕДБАТА ОДАТ ВО ПАКЕТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ЗА 4 ГОДИНИ АКО ПРОЕКТОТ И ИЗВЕДБАТА ОДАТ ВО ПАКЕТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕМинистерот за здравство Венко Филипче вели дека се разгледува дали Законот за јавни набавки дозволува во пакет се објави оглас и за изработка на проект и за изградба на новиот Клинички центар, за да се скрати времето (Фото: СДК.МК)

    Изградбата на новиот Клинички центар во Ѓорче Петров ќе може да почне до крајот на годината ако во пакет се објави оглас и за изработка на проект и за негова изградба, вели министерот за здравство Венко Филипче. Според него, ако успеат во тоа за 4 години новиот Клинички центар ќе биде готов.

    Тој кажа дека разговараат со компании кои имаат искуство во изградба на вакви центри низ Европа, за да се види дали може таков модел може да се примени и при изградба на новиот Клинички центар.

    „Идејата е да се скрати времето за распишување посебни огласи за проект и изведба и сега ги разгледуваме можностите. Треба да видиме дали тоа може да се изведе согласно Законот за јавни набавки. Клиничкиот центар ќе го гради државата, а со Министерството за финансии разгледуваме од каде би можело да се обезбедат пари за финансирање”, рече Филипче.

    Тој кажа дека претходниот проект за изградба на Клинички центар го запреле, бидејќи тоа било парцијално решение.

    „Воопшто не ги опфаќаше ниту хируршките сали, ниту хируршките оддели. Сè уште ќе останеа неколку објекти надвор и сметаме дека тоа ќе беше парцијално решение кое можеби сега ќе чинеше поевтино, но на долги патеки многу поскапо за нашите граѓани. Со нов Клинички центар ние го решаваме овој проблем за следните неколку децении“, рече Филипче.

    Дел од просторот каде сега се наоѓа Клиничкиот центар, според Филипче, и натаму ќе се користи за одредена болничка дејност за жителите од овој дел на Скопје.

    „Тоа е државно земјиште и државата може да го отуѓи или да го користи за нешто друго, но тоа не е одлучено“, вели Филипче.

    Општина Ѓорче Петров треба да изготви урбанистичко-планска документација за уредување на земјиштето.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира