Болничкиот дел на новиот оддел за трауматологија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје профункционира во полн капацитет само додека таму се лекуваа повредените од несреќата на превртениот автобус кај Ласкарци на 13 февруари. Како што повредените закрепнуваат и си заминуваат дома, така и болничкиот дел на сосема новото одделение се празни, па постои опасност сосема да се затвори затоа што нема доволно медицински сестри.
Дополнителен проблем е што и непосредно по несреќата, поради преоптовареност, се расипал еден од двата компјутерски томографи, така што сега се работи само со еден, а во буџетот на болницата нема пари за поправка на дефектот.
Директорот на болницата Кристијан Костов вели дека се потрошила катодната цевка. „И таа има рок на траење и треба да се замени со нова. Чини многу пари, а ние во моментов немаме средства во буџетот. Преговараме со Фондот за здравство да ни дадат некој аванс за да може да ја покриеме набавката на делот, бидејќи работиме само со еден компјутер и тој ако се расипе практично ќе биде загрозена работата и на ургентниот центар и на целата болница. Со години наназад напливот за радиодијагностика е во нашата болница“, вели Костов.
Новиот оддел за трауматологија беше отворен свечено лани, непосредно пред Денот на независноста 8 Септември, и е сместен во просторот од болницата каде претходно беше приватната болница „Филип Втори“. Но, до автобуската несреќа болничкиот дел не проработе. Овој капацитет мораше да биде активиран ноќта кога во „8 Септември“ беа донесени 37 од повредените 50 патници, па среќа во несреќа беше што така се најдоа слободни лежаи кои поради недостиг на кадар не беа во функција. Во моментов, во болницата лежат уште петмина од повредените од кои еден е уште во тешка состојба.
Директорот Костов вели дека сега на тој оддел функционираат три од осумте соби, а двете нови хируршки сали си работат нормално, но проблемот со кадар не го погодува само одделението за трауматологија.
„Сега од 10 хируршки сали што ги имаме работат само 5, бројот на операции е намален за половина, бидејќи со 9 анестезиолози толку може да се работи“, вели Костов. Тој вели дека е редуцирана работата во целата болница, не само во Траума одделението.
„Траума одделот не го затвораме, но ќе работи со намален капацитет. Во моментов имаме 9 анестезиолози и тројца специјализанти за анестезија и интензивно лекување, но специјализантите не може сами да ги оставиме да работат. Затоа сите елективни операции мора да ги одложуваме, а недостигот од кадар влијае и на тоа одделот за интервентна кардиологија да работи само една смена“, вели Костов.
Костов вели дека од понеделник треба да почнат со работа 20 нови медицински сестри, за кои добиле одобрение од Министерството за здравство и од Министерството за финансии, но дека им се потребни уште најмалку 40 медицински сестри и уште 4-5 анестезиолози за да може да работат оптимално.
Е. БОЧВАРОСКА