НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА БИДАТ РАЗРЕШЕНИ НА РЕФЕРЕНДУМ ОТИ ЗАКОНОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ЗАГЛАВИ ВО СОБРАНИЕТО

    НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НЕ ЌЕ МОЖЕ ДА БИДАТ РАЗРЕШЕНИ НА РЕФЕРЕНДУМ ОТИ ЗАКОНОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ЗАГЛАВИ ВО СОБРАНИЕТОИзмените на законот кога ќе се донесат нема да важат за новоизбраните градоначалници бидејќи во завршните одредби стои дека разрешување на градоначалник преку референдум ќе може да се прави на следните локални избори. (Фото: СДК.МК)

    Новите градоначалници кои ќе бидат избрани на овие Локални избори нема да може да бидат разрешени на референдум оти новиот Закон за локална самоуправа заглави во Собранието.

    Власта и Министерството за локална самоуправа наголемо најавуваа дека ќе се направат измени на Законот за локална самоуправа со кои ќе се даде можност преку референдумско изјаснување на граѓаните да се разреши градоначалникот. Но, законот сè уште не е изгласан во Собранието. За да се усвојат измените потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

    Од Министерството за локална самоуправа велат дека откако беа поминати сите фази на консултации со експертската јавност, измените на Законот биле доставен до Собранието. Поминато е првото и второто читање на комисиска и пленарна седница, но сè уште новиот закон не е ставен на дневен ред за гласање.

    Со тоа измените на законот кога ќе се донесат нема да важат за новоизбраните градоначалници бидејќи во завршните одредби стои дека разрешување на градоначалник преку референдум ќе може да се прави на следните локални избори. Според сегашниот закон таква можност нема и градоначалник не може да биде разрешен од функција.

    Со новиот закон по членот 54 се додава нов член 54-а кој се однесува на ова прашање и гласи: Покренување на прашање за доверба на градоначалникот.
    1. Граѓаните преку референдум можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот, еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот.
    2. Советот на општината е должен да распише референдум за прашање за доверба на градоначалникот на барање од најмалку 20% од избирачите во општината.
    3. Одлуката за недоверба на градоначалникот е донесена ако за неа гласале мнозинство од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од една третина од вкупниот број на граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, каде што се спроведува референдумот.
    4. Распишувањето и спроведувањето на референдумот од став 1 на овој член се врши согласно закон со кој се уредува референдумот и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира