Помошничката на американскиот државен секретар Викторија Нуланд по нејзината куса посета на Македонија и средбите што ги имаше со лидерите на партиите потписници на Пржинскиот договор, со специјалната обвинителка Катица Јанева и претставници на граѓанските организации најави брз договор за нови избори и искажа поддршка на процесот за зајакнување на судството и владеењето на правото.
„Имав прилика да разговарам со активисти од граѓанското општество и новинари и да ги охрабрам за нивната јуначка работа“, изјави таа.
Во врска со средбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим таа рече: „Нејзината работа е витално важна, за да се врати вистинското владеење на правото, отчетноста и чист правосуден систем во земјата, нешто што е апсолутно суштествено ако Македонија сака да ги постигне своите евроатлански цели и да ја постигне целта да стане членака на ЕУ и на НАТО, нешто што САД долго време го поддржува“.
Таа најави нов политички договор за нови избори деновиве, со помош на САД и ЕУ.
“Го напуштам Скопје охрабрена дека во наредниве денови се надеваме дека преговарачките тимови ќе се здружат околу идеите што се сега на маса и дека ќе направат нацрт за пат кон избори. За ова очигледно ќе треба политичка волја на сите страни, а јас почувствував дека таа волја ја има, на состаноците што ги имав денеска. И се разбира, амбасадорот Бејли и нашиот тим ќе ја продолжат својата силна работа заедно со ЕУ за да помогнат со сите сили да постигнат договор што поскоро“, изјави Викторија Нуланд.