Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“, откако скениран документ насловен „Записник за примање кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со датум 2 мај 2019“ беше објавен на порталот Инфомакс, според кој ова е првичната пријава на бизнисменот Орце Камчев за рекетирањето од Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски- Кичеец.
Обвинителството потенцира дека откривањето доверливи информации е кривично дело, вели дека објавувањето „освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел“ и најави дека ќе утврдува како „како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите“.
„Од започнување на истражната постапка, водејќи се од големиот интерес на јавноста, обвинителството секојдневно настојува во рамките на можностите да сподели детали што нема да наштетат на истрагата, а на јавноста ќе и овозможат да има реална слика за текот на постапката. Во таа насока, имајќи ја предвид сензитивноста на предметот, во неколку наврати укажуваме дека само официјално добиените информации од обвинителството се веродостојни. Обвинителството нема да ги коментира информациите изнесени во јавноста, но ќе потенцира дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело. Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката. Во интерес на понатамошното непречено спроведување на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе преземе дејствија за утврдување на фактите како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и укажува на јавноста дека ваквите неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница. Дотолку повеќе што зад исходот на овој предмет стои посветеноста и енергијата на севкупното обвинителство решено да го оправда своето име и да и застане на патот на корупцијата“, се вели во соопштението на обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во истрагата „Рекет“, осомничени за изнуда на 1,5 милиони евра со тргување со влијание врз јавен обвинител и перење пари се Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец, кои се во притвор од 15 јули, а третоосомничена е Специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор од 21 август. Во разговорите меѓу осомничениот Боки 13 и сведокот Орце Камчев, објавени од италијанскиот весник „Ла верита“, се слуша и гласот на Јанева. По објавувањето на снимките, таа кажа дека преговарала со Камчев преку посредник за да биде сведок во нова предистрага на нејзиното обвинителство.