ОБВИНЕТ И РЕАЛНИОТ СОПСТВЕНИК НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО „РУБИКОН“, КОЈ ГИ ДОЗВОЛИЛ ПИРОТЕХНИЧКИТЕ СРЕДСТВА ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“, А ПО ПОЖАРОТ СИ ОТВОРИЛ ИСТА ТАКВА ФИРМА И ВО СТРУМИЦА

    ОБВИНЕТ И РЕАЛНИОТ СОПСТВЕНИК НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО „РУБИКОН“, КОЈ ГИ ДОЗВОЛИЛ ПИРОТЕХНИЧКИТЕ СРЕДСТВА ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“, А ПО ПОЖАРОТ СИ ОТВОРИЛ ИСТА ТАКВА ФИРМА И ВО СТРУМИЦАИ во таа фирма за обезбедување што обвинетиот ја отворил во Струмица по трагедијата, се затскрил во сопственоста, зад друго лице. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството му поднесе обвинителен акт и на реалниот газда на Друштвото за обезбедување на имот и лица „Рубикон секјурити солушн“, затоа што лично тој раководел со работењето на импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани и тој дал инструкции да се внесат пиротехнички средства, да се пуштаат малолетници по полноќ, да се работи без поднесен план за обезбедување настан со голем број лица и за други незаконски дејства кои му биле нему како сопственик на објектот, дозволени од власта и од полицијата. Уште кога беа апсени управителот и дел од вработените во „Рубикон“, тие цело време тврдеа дека работат по доделени работни задачи и инструкции.

    Во катастрофалниот пожар во кочанската дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, над 150 беа со тешки повреди и 50-ина со повреди, а меѓу загинатите имаше и 6 деца.

    Газдата на „Рубикон секјурити солушн“ кој беше поштеден од обвинение пола година, веднаш по катастрофалниот пожар во Кочани го проширил истиот бизнис во Струмица, повторно затскривајќи се во раководењето зад друго лице, како што правеше и во Кочани.

    „Од доказите обезбедени во текот на истрагата произлезе дека сега обвинетиот имал главна улога во обвинетото правното лице, фактички раководел со агенцијата и давал директни инструкции на обвинетите кои критичната вечер биле ангажирани како обезбедувачи. Исто така, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани тој презел активности во насока на формирање ново правно лице со седиште во Струмица, чија основна дејност му е исто така физичко обезбедување на имот и лица, а со цел да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице“, вели Обвинителството.

    Денеска на ова лице му е поднесено обвинение за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 3 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

    „И овој обвинет се товари за сопствен особен придонес, бидејќи заедно со повеќе одговорни и службени лица за кои веќе е поднесен обвинителен акт кој е во фаза на оценка, како и со други за сега непознати лица, не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери. Поради нивните пропусти во еден подолг временски период, како и поради конкретните дејствија на дел од обвинетите, на 16.03.2025 година во угостителскиот објект во Кочани бил предизвикан пожар на место каде што биле собрани поголем број луѓе, при настап на музичката група ДНК, во целосно небезбедни и опасни услови, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесна повреда се здобиле 65 лица“, кажа Обвинителството.

    Последниот обвинет, во временскиот период од септември 2022 година до денот на пожарот, во Скопје и Кочани, како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица „Рубикон секјурити солушн“ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, заеднички со веќе обвинетиот управител, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата за обезбедување.

    „Тие, иако имале сопственичка одговорност, не постапиле согласно чл.3 од Закон за приватно обезбедување, со тоа што не презеле мерки и активности заради спречување и откривање на штетни појави и противправни дејствија кои го загрозуваат телесниот интегритет и достоинството на личноста и имотот што се обезбедува и согласно чл.6 од Закон за приватно обезбедување, односно обезбедувањето го вршеле без да имаат склучено писмен договор за приватно – физичко обезбедување со корисникот на услугата –угостителски објект ‘Клуб Пулс’ и без воопшто да водат грижа, контрола и надзор при исполнување на обврските на лицата кои вршеле обезбедување на имот и лица“, наведе подносителот на обвинението.

    На критичниот ден, тројца вработени во агенцијата со важечки лиценци за приватно обезбедување и со легитимации на обвинетото правно лице, како и еден обвинет без лиценца за вршење на работи на физичко обезбедување, биле задолжени да го обезбедуваат објектот во Кочани без да утврдат претходна безбедносна проценка со проверка по однос на сигурносните услови на објектот, опасностите и можностите за евакуација во случај на опасност, без проверка на влезови и излези и нивна исправност, во услови на преполнетост на капацитетот на посетители.

    Притоа, спротивно на законските обврски, правното лице не изготвило и не доставило План за обезбедување при одржување на јавен ред на настан од забавен карактер со присуство на поголем број на посетители и не биле ангажирани повеќе работници на обезбедување како што налагале условите во објектот.

    „Вработените распоредени од Агенција за обезбедување ‘Рубикон’ не постапиле по одредбите од Закон за приватно обезбедување и не извршиле проверка на идентитетот и возраста на лица при влез на објектот што го обезбедувале и со тоа овозможиле влез на деца – лица кои не наполниле 18 години и нивно присуство во објектот по 00.00 часот. Не постапиле и согласно законската обврска да извршат преглед на лица при влез во објектот што се обезбедува, а заради пронаоѓање предмети кои може да се користат заради уништување или оштетување на имотот, како и предизвикување опасност по животот, со што не го спречиле внесот и користењето на експлозивни материии – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот. Од доказите обезбедени во текот на истрагата произлезе дека сега обвинетиот имал главна улога во обвинетото правното лице“, потенцира Обвинителството.

    Обвинителството проценува дека постојат одредени ризици за негово целосно обезбедување во текот на судењето, па до Судот доставило и предлог за продолжување на сите определени мерки и забрани.

    По тримесечна истрага, Обвинителството на 13 јуни поднесе обвинение за Тешки дела против општата сигурност против 34 физички и три правни лица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира