Во Агенцијата за разузнавање, која е под надлежност на претседателот на државата Стево Пендаровски, работат тројца агенти од повисок ранг кои се компромитирани со истраги, обвиненија, во сведочењата за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, а кои беа и најблиски советници на Ѓорге Иванов.
Тоа се Кирил Тодоровски, поранешен шеф на кабинетот на Гордана Јанкулоска, обвинет од СЈО во „Титаник“ за тешки изборни нерегуларности. Натаму, сè уште е разузнавач и Мунир Пепиќ, осуден на 15 години затвор за организираниот напад на Собранието, а му се суди и во „Титаник“ дека го организирал сликањето за лични карти на гласачите од Пустец што ги носеше ВМРО-ДПМНЕ. Разузнавач сè уште е и блискиот советник на Иванов за безбедност Синиша Алексовски, за кого обвинетиот во 27 април Михаил Младеновски на 3 декември 2018 пред Основниот суд Скопје 1 кажа дека тој бил гласникот од кабинетот на Иванов кој им кажал на напаѓачите на Собранието дека Иванов ќе прогласи воена состојба.
„Тогаш дојде сив голф со темни стакла, службена кола на УБК, истото со кое доаѓаше во ‘Аристократ’. Му пристапи Нинџа. Во колата имаше панцирни елеци, автомати, пиштоли. Ни беше кажано да се подели оружјето на искусни луѓе, на пример што биле во ‘Лавовите’. Оружјето било за Албанците што доаѓале. Но, стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но, во 10 часот Иванов не го стори тоа“, рече тогаш Младеновски.
Обвинителството за организиран криминал и корупција водеше предистрага за Алексовски во врска со присуството на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ. Според извори од Агенцијата, Алексовски и Тодоровски истовремено биле ангажирани и во кабинетот на поранешниот претседател Иванов. Сега не се во кабинетот, но официјално тие се на списокот на вработени во Агенцијата.
Потврда дека никој од овие компромитирани лица не е во кабинетот на Пендаровски добивме и од неговите службеници. Агенцијата, велат оттаму, има нов директор, кој е надлежен за сите кадровски прашања. Но, се почитува презумпцијата на невиност за тројцата, ќе се следи судбината на пресудата и на обвиненијата, односно тековните судски процеси за оние што има.
Кога на 11 мај 2019 го прими уверението од ДИК за претседател на Македонија, Пендаровски најави дека ќе се зафати со реформа на разузнавачките служби, особено во делот на Агенцијата за разузнавање, но дека во неа нема да има место за четири лица што се под истрага на Обвинителството.
„Сите оние кои се огрешиле пред законот и Уставот, а според моите информации Обвинителството води истрага за 4 такви лица, нема да бидат дел од тимот што е под ингеренција на Претседателот“, одговори Пендаровски на новинарски прашања по врачувањето на Уверението за претседател на државата од ДИК.
Тој не прецизираше дали тие лица се од Агенцијата за разузнавање, или од неговиот кабинет. Пендаровски потсети дека постапки од Обвинителството за учество во неколку немили настани се отворени и за лица вработени во АРМ, чиј Врховен командант е претседателот.
С. К. ДЕЛЕВСКА