ОБВИНЕТИ ОД „ШПИОН“ ИЗДАВАЛЕ ПОДАТОЦИ ЗА АГЕНТИ НА ЦИА ВО МАКЕДОНИЈА НА ГРЧКИ И РУСКИ СЛУЖБИ, СТОИ ВО ОБВИНЕНИЕТО НА СЈО

    ОБВИНЕТИ ОД „ШПИОН“ ИЗДАВАЛЕ ПОДАТОЦИ ЗА АГЕНТИ НА ЦИА ВО МАКЕДОНИЈА НА ГРЧКИ И РУСКИ СЛУЖБИ, СТОИ ВО ОБВИНЕНИЕТО НА СЈОФаксимил од првичната пресуда за предметот „Шпион“ од која делови беа оспорени од Апелациониот суд и предметот беше вратен на повторно судење. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Елизабета Јосифовска од Специјалното јавно обвинителство денеска во Основниот суд Скопје 1 го прочита обвинението за повторената постапка за аферата „Шпион“, изнесувајќи детали и лица од странски разузнавачки служби, на кои обвинетите во овој случај им ги продавале информациите што ги ваделе од: Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање, Военото разузнавање, Архивот на Македонија кај што се чуваа досиејата на следени лица, Собранието на Македонија…

    „Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби, или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организационата поставеност на УБК“, го читаше Јосифовска големото обвинение за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори во негова поткрепа, го презеде од Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Процесот го води судијата Владимир Туфегџиќ.

    Обвинетите не само што се чувствуваат за невини по сите точки на обвинението, туку тврдат и дека целиот процес е монтиран.

    Ефремов, според обвинението што го прифати СЈО, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија, ја направил во 2009 година и како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција.

    „Ефремов раководел со групата. Одржувал контакти со пратеници, министри, политичари, прибирал информации што ги нарачувале странските разузнавачки служби. Снимал лица за уценување, врбувал други луѓе за разузнавање. Информациите и документите Ефремов ги давал директно или преку сателитска врска“, рече Јосифовска.

    Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.

    Според обвинението, секој од обвинетите зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на кабинетот на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел.

    Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

    Освен со шпионажа и оддавање тајни информации од безбедносните и други институции, според обвинението на СЈО, групата уценувала и бизнисмени. Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече обвинителката, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД Бетон и други фирми. Миќо Насковски на Марјан Маџовски му дал 12.000 евра за активностите за уцена.

    Јорданов не попуштил.

    Уценуван да им даде 200.000 евра бил и Драган Даравелски, кому Зоран Божиновски и Марјан Ефремов лично му се заканиле во Белград каде што живее, но тој ги пријавил во српското МВР.

    Јосифовска во рамки на ова обвинение наброја цел арсенал оружје кој бил најден во 2013 година во становите на Стојков и на Дамјановски во населбата Аеродром.

    Во „Шпион“ првично беа опфатени 19 лица. Дел од нив се осудени и веќе ги издржале затворските казни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари