ОБВИНЕТИОТ ЈАНАКИЕСКИ НА 13 НОЕМВРИ 2018 СЕ ПОДГОТВУВАШЕ ДА БЕГА, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА ПРЕД АПЕЛАЦИЈА

    ОБВИНЕТИОТ ЈАНАКИЕСКИ НА 13 НОЕМВРИ 2018 СЕ ПОДГОТВУВАШЕ ДА БЕГА, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА ПРЕД АПЕЛАЦИЈАОбвинителката на СЈО Лиле Стефанова во Апелација му забележа на обвинетиот Миле Јанакиески дека не кажал за што точно зборувал кога бил кај претседателот Иванов ден пред да ја добие мерката притвор од 30 дена (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески на 13 ноември 2018 година се подготвуваше да бега, возврати денеска во скопска Апелација обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, откако Јанакиески демантираше дека спремал бегство исто како осудениот експремиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија и доби политички азил. Двајцата се обвинети во случаите на СЈО „Титаник“, „ТНТ“ и во „Насилство и шамари во Центар“.

    Стефанова потсети дека службената белешка за планот на неговото бегство ја составила Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), орган кој е должен да прибира такви информации и да ги извести надлежните органи. Стефанова рече дека претходно СЈО бараше притвор поради опасност од бегство на Јанакиески, а судот го констатирал тоа и му го одзел пасошот.

    „Таа опасност потоа ја потврди и Апелациониот суд Скопје”, рече таа денеска пред тричлениот совет на Скопска апелација каде е разгледува жалбата на Јанакиески.

    На Јанакиески притворот му беше одреден на 14 ноември на барање на СЈО по претходна службена белешка од УБК, дека пробал преку посредник да побара амнестија од претседателот Ѓорге Иванов по бегството во Унгарија на осудениот Груевски. Според таа белешка, наводно, кога Иванов го одбил и рекол дека не може да се меша во судски одлуки, Јанакиески кажал дека штом е така, и тој ќе избега. Јанакиески тврди дека службената белешка на УБК е фингирана.

    Стефанова му забележа на обвинетиот Јанакиески дека не кажал за што точно зборувал кога бил кај претседателот Иванов ден пред да ја добие мерката притвор од 30 дена. А за Иванов, рече, нема да очекува да открие дека збореле за повторна амнестија како последен обид на Јанакиески.

    По Јанакиески, својата жалба ќе ја поткрепува Кирил Божиновски, обвинет во „Титаник“, кој беше истовремено притворен со него поради опасност од бегство.

    „Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, имајќи ги предвид сознанијата дека обвинетите планираат бегство како околности кои укажуваат на основана опасност за нивно бегство, констатира дека целите на мерките за обезбедување на присуство на двајцата обвинети во текот на оваа постапка не можат да се постигнат со дотогашните определени мерки на претпазливост, од кои причини донесе одлуки за изрекување на мерка притвор за двете лица, како неопходна мерка за непречено водење на кривичната постапка и обезбедување нивно присуство“, соопшти тогаш СЈО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира