По 300 сведоци предложиле Миле Јанакиески, Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, обвинети за организирање на нападот на Собранието на 27 април 2017 година. Обвинителката од Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска на денешниот старт на судскиот процес кажа дека судот не треба да ги прифати сите сведоци, секако без да се наруши правото на одбрана. Од тоа колку сведоци ќе бидат прифатени ќе зависи колку ќе трае судењето.
Денешното прво рочиште за организаторите на нападот на Собранието на 27 април 2017 година се одложи. Одбраната бараше да ги добие доказите кои Кривичниот суд ги добил од Апелациониот суд вчера. Станува збор за докази од предметот за учесниците во нападот на Собранието, кој е во фаза на жалба по првостепената пресуда.
Судијата Илија Трпков го прифати барањето на одбраната и следното рочиште го закажа за 26 февруари. Русковска смета дека одбраната ги има доказите и само сака да го одолговлекува судењето, дополнително со тоа што четворицата обвинети во случајот за организација на 27 април предложиле по триста сведоци. Таа апелираше судијата да размисли кого ќе прифати од предложените.
„Самите обвинети признаа дека сите докази им се дадени од страна на обвинителството скенирани, освен цедињата во електронска форма кои ни беа пратени од мобилните оператори за дојдовни и појдовни повици од нивните телефонски броеви, но од друга страна, од податоците на операторите е изготвена анализа, а таа беше дадена на одбраната со завршување на истрагата. Сметам дека ова е одолговлекување на одбраната“, рече Русковска.
Осомничени во случајот беа и експремиерот Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, но тие се во бегство и не се најдоа во обвинението.
А. АНТЕВСКА