ОБВИНИТЕЛКАТА ОД ОЈО СКОПЈЕ И ОД ЕУРОЏАСТ ЛЕНЧЕ РИСТОСКА НЕ ДОБИЛА ИЗВИНУВАЊЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКАНИТЕ ЗА НЕЈЗИН „КРАЈ“

    ОБВИНИТЕЛКАТА ОД ОЈО СКОПЈЕ И ОД ЕУРОЏАСТ ЛЕНЧЕ РИСТОСКА НЕ ДОБИЛА ИЗВИНУВАЊЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКАНИТЕ ЗА НЕЈЗИН „КРАЈ“Ристоска вели дека не се откажува од намерата да ја тужи владејачката партија. (Фото: СДК.МК)

    Во рокот од 7 дена што ѝ го даде на ВМРО-ДПМНЕ обвинителката Ленче Ристоска за јавноупатената закана за нејзин „крај“ и за изнесените тврдења за кои таа кажа дека се тешки клевети и навреди кон неа, партијата не ѝ се извинила.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша Ристоска, која е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда), дали останува на ставот дека ќе поднесе тужба за клевета и навреда, таа одговори дека не се откажува од намерата.

    „Јас како јавен обвинител кој работел на високопрофилни случаи и во други наврати сум се соочувала со притисоци и заплашувања, но никогаш тоа не било јавно како во конкретниот случај. Ова е еден навистина опасен преседан, поради што сметам дека имам обврска да реагирам. По однос на изнесените невистини и навреди, јас не добив извинување, поради што подготвувам тужба за клевета и навреда“, вели Ристоска.

    За елементите за кривична одговорност, кои ВМРО-ДПМНЕ ги пиша во соопштение на 14 октомври со зборовите: „Каков крај!“, досега МВР и Обвинителството на отвориле истрага.

    Уште веднаш по партиското соопштение против обвинителката Ристоска, му пишавме на претседателот на Здружението на јавни обвинители Елвин Вели со прашање – дали ќе заседава и Здружението ќе ја заштити Ристоска, но одговор не добивме. Го прашавме и денеска, обвинителот Елвин Вели не одговори, не се ни јавува на телефон.

    Се јавивме и во Советот на јавни обвинители, го прашавме заменикот-претседател, обвинителот Башким Бесими, дали Советот расправаше по заканите кон Ристоска и има ли став некаков? Бесими кажа дека е на двонеделно боледување и оти од понеделник ќе види за таа работа.

    Ленче Ристоска ги води се уште живите предмети „Талир 1“ за перење пари од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за незаконски изграденото седиште на ВМРО-ДПМНЕ и незаконски стекнат партиски имот, во кој предмет е замрзнат имотот – седиштето „Бела палата“, скапиот инвентар и опрема внатре, но и уште 68 партиски недвижнини, од внатрешноста на Македонија.

    Ристоска беше прва во најтесниот избор на тројца кандидати за наш судија во Стразбур, но само три дена откако даде негативно мислење за одмрзнување на имотот во судскиот процес „Талир 2“, Владата листата ја поништи и почнаa владејачката партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски јавно да ја напаѓаат.

    Поради тоа Ристоска не конкурираше повторно за судија во Европскиот суд за човекови слободи и права.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира