ОБВИНИТЕЛОТ БУРИМ РУСТЕМИ ЌЕ СВЕДОЧИ ЗА „РЕКЕТ“ ЗА ЕВЕНТУАЛНИ ВЛИЈАНИЈА НА ЈАНЕВА ВО „ПОШТЕНСКА БАНКА“ И ЗА СТАНОТ ОД НЕЗАМРЗНАТИОТ ИМОТ ШТО ГО КУПИЛ ДИРЕКТОРОТ НА МЕПСО

    ОБВИНИТЕЛОТ БУРИМ РУСТЕМИ ЌЕ СВЕДОЧИ ЗА „РЕКЕТ“ ЗА ЕВЕНТУАЛНИ ВЛИЈАНИЈА НА ЈАНЕВА ВО „ПОШТЕНСКА БАНКА“ И ЗА СТАНОТ ОД НЕЗАМРЗНАТИОТ ИМОТ ШТО ГО КУПИЛ ДИРЕКТОРОТ НА МЕПСОТимот што го работи „Рекет“ преку Бурим Рустеми се очекува да ја разјасни и наводната злоупотреба на службената положба на Јанева околу овозможување на близок пријател да купи стан во Скопје, кој намерно го изоставила од имотот кој бил замрзнат во истрагата за „Поштенска банка“ (Фото: СДК.МК)

    Тимот што ја води истрагата за „Рекет“ го повикал и предметниот обвинител на истрагата „Поштенска банка“ Бурим Рустеми од СЈО да даде исказ, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од ова обвинителство. Рустеми треба да сведочи утре или задутре.

    Рустеми треба да биде присутен на утрешното судење за ТНТ, предмет кој го застапува тој. ТНТ е при крајот, а во него за одмаздничко уривање на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски, Љупчо Георгиевски и други лица од општина Гази Баба.

    Ако се одржи судењето за ТНТ, кое не би требало да се одложи, велат од СЈО, распитот на сведокот Рустеми за истрагата „Рекет“, ќе се премести за в петок.

    Обвинителката Лиле Стефанова, која вчера сведочеше 5 часа во Обвинителството за организиран криминал и колегата Рустеми се повикани за истражување на влијание на специјалната обвинителка Катица Јанева врз истрагите за „Империја“ и „Поштенска банка“. Стефанова пред да биде повикана, јавно кажа дека Јанева во април годинава им напоменала на колегите внатре во просториите на СЈО дека размислува за спогодба со осомничените во овие 2 големи финансиски истраги.

    Предлогот на Јанева бил да има спогодба за признание на вина и обештетување на државата, а во замена за тоа СЈО да не бара затворски казни за сторителите, на што се спротивставиле Стефанова и Рустеми, укажувајќи и дека во Кривичниот законик за ваков криминал се предвидени и задолжителни затворски казни.

    Тимот што го работи „Рекет“ преку Рустеми се очекува да ја разјасни и наводната злоупотреба на службената положба на Јанева околу овозможување на близок пријател Сашо Василевски, тогашен директор на МЕПСО, да купи стан во Скопје, кој наводно намерно го изоставила од имотот кој бил замрзнат во истрагата за „Поштенска банка“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира