ОБВИНИТЕЛОТ ДАРКО ЈАКИМОВСКИ ПРАШУВА КАКО Е МОЖНО ПО 4,5 ГОДИНИ ОТСЛУЖЕНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ВРХОВНИОТ СУД ДА ЈА УКИНЕ ПРЕСУДАТА ЗА УБИЕЦОТ НА МАТУРАНТОТ ОД ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

    ОБВИНИТЕЛОТ ДАРКО ЈАКИМОВСКИ ПРАШУВА КАКО Е МОЖНО ПО 4,5 ГОДИНИ ОТСЛУЖЕНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ВРХОВНИОТ СУД ДА ЈА УКИНЕ ПРЕСУДАТА ЗА УБИЕЦОТ НА МАТУРАНТОТ ОД ЃОРЧЕ ПЕТРОВКолку што ми е познато мене, вели обвинителот, предметот по вонреден правен лек во Врховниот суд е уште од 2016 година. - Јакимовски на судењето за обидот за убиство на Зијадин Села (Фото:СДК.МК)

    Кривичниот совет во Врховниот суд составен од в.д. претседателот на судот Фаик Арслани, Џемали Саити, Наќе Георгиев, Мирјана Лазарова-Трајковска и Цветанка Периќ, со гласови 3 спрема 2, во септември донел одлука да ја укине пресудата од 14 години затвор против Насер Ештрефи, осуден за убиство на матурантот Ангел Петковски од Ѓорче Петров, кому првин му го украл велосипедот од дома.

    Врховните судии одлучиле предметот да се врати на повторно судење, отпочеток.

    Одлуката не може да се најде на веб страната на Врховниот суд, па не се знае зошто предметот е вратен на повторно судење, откако Апелациониот суд Скопје ја потврди 14-годишната казна за Ештрефи и особено што одлучува дури сега, кога тој веќе одлежа третина од казната.

    САКАМДАКАЖАМ.МК за одлуката на Врховниот суд побара коментар од обвинителот Дарко Јакимовски од Скопското јавно обвинителство кој го застапуваше обвинението, кој вели дека не сретнал во судската пракса по 4,5 години одлежани години во затвор да се укине правосилна судска пресуда. И се прашува зошто се укинала, кога нема нови докази.

    „За одлуката дознав преку медиумите и не сум запознаен со нејзината содржина. Постојат основни стандарди кои ги почитувам. Правник, а особено  професионален учесник во постапката не  може да даде коментар без да се запознае и да ја проучи  содржината на одлуката. Но, има околности кои и тоа како се подобни за коментар.  Јас не знам за друг случај во кој се задира  во правосилна судска пресуда после  временски протек од најмалку 4 и пол години, во кое време осудениот е на издржување на казна затвор. Тој што ја донел односно, изгласал  одлуката, не само заради граѓаните во чие име се изрекува правдата туку и заради правна сигурност,  извесност и верба во судските одлуки, очекувам дека понудил и дал разумно објаснување што е тоа што не постоело како факт кога предметот стигнал по вонреден правен лек пред Врховен суд, а постои сега.  Аргументите при проучување на правосилно завршен предмет или ги има или ги нема! Аргументи и факти  со  протекот на време не се создаваат и не узревеваат, напротив само дополнително ја усложнуваат состојбата на работите“, вели обвинителот Јакимовски.

    Според него, „ако постоела причина за укинување на пресудите на пониските судови се наметнува логично прашање зошто е дозволено толку време осудениот да помине во издржување на казната затвор, па дури сега да следи одлука?“

    Колку што ми е познато мене, вели обвинителот, предметот по вонреден правен лек во Врховниот суд е уште од 2016 година.

    И покрај тоа што обвинителството најави истрага околу сомневањата дека во Врховниот суд со години се чуваат предмети во фиоки, тоа до денеска не се случи.

    Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи на 19 мај 2015 година во скопската населба Ѓорче Петров.  Сè почнало со кражба на велосипедот на Ангел од семејната куќа на Петковски. Според обвинението, Ештрефи откако го украл велосипедот од дворот, бил забележан од таткото на Ангел и побегнал кон мостот што води кон Сарај. На патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот, кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот, и Ангел кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат со дрвен стап од страна на таткото на сега покојниот и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега. Залудни биле обидите за помош на Очната клиника пред која се случило убиството, Ангел починал на скалите. Ножот со кој беше убиен Ангел никогаш не беше пронајден.

    Одбраната не мислеше така, туку дека Ештрефи бил нападнат од Ангел и татко му, затоа што им го украл велосипедот. Ештрефи убиството го сторил во самоодбрана, додека таткото го тепал со стап, тврдеше неговиот адвокат.

    Неофицијално, судењето се враќа на почеток и поуката од Врховниот суд била да се направи реконструкција на настанот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира