ОБВИНИТЕЛОТ ЦВЕТАНОВСКИ НАРЕДИ ДА ПРОДОЛЖИ ЗАПРЕНАТА ИСТРАГА ЗА МАЗУТОТ ВО ТЕЦ НЕГОТИНО ЗА КОЈА НЕМАШЕ ДОКАЗИ

    ОБВИНИТЕЛОТ ЦВЕТАНОВСКИ НАРЕДИ ДА ПРОДОЛЖИ ЗАПРЕНАТА ИСТРАГА ЗА МАЗУТОТ ВО ТЕЦ НЕГОТИНО ЗА КОЈА НЕМАШЕ ДОКАЗИИстрагата беше запрена на 12 мај 2026 година, на што секојдневно реагираше власта од ВМРО-ДПМНЕ. - Прес-конференција на ОЈО ГОКК (Фото: СДК.МК)

    Обвинителот Јове Цветановски од Вишото обвинителство на Скопје ја оживеа истрагата за мазутот во ТЕЦ Неготино за која обвинителката за организиран криминал и корупција Катерина Коларевиќ ја запре истрагата и пред јавноста прикажа како утврдиле таа и тимот истражители дека нема докази во тој предмет.

    Цветановски, кој е обвинет заедно со поранешниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи за злоупотреба на службената положба и овластувањата, како надлежен за предметот мазут, донел Решение со кое го уважил приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против Наредбата за запирање на истрагата.

    Коларевиќ потапуваше по кривична пријава поднесена од МВР за кривични дела – Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и Перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино.

    ВЈО Скопје го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежната обвинителка во прв степен ѝ се дадени дополнителни насоки за постапување. Констатирајќи, пред се, слабости во изготвените вештачења на кои јавната обвинителка ја темелела својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице“, стои во упатството на Цветановски до обвинителката Коларевиќ.

    Тој бара Коларевиќ да утврди кривична одговорност. Ја задолжил „да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност“.

    На 9 септември лани беше поднесено обвинение против Хајрулахи и обвинителен предлог против Цветановски. По целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против Хајрулахи за пет кривични дела – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

    Постапувајќи во текот на истражната постапка, јавниот обвинител обезбедил докази и во однос на службеното постапување на Харулахи и Цветановски, па поднесе и Обвинителен предлог со кој ги товари дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

    „Обвинетите, во временскиот период од јануари 2023 година до август 2024 година, во ВЈО Скопје, заедно спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писмена кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот Хајрулахи ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно ‘без многу галама’ да бидат доделувани на второобвинетиот Цветановски“, стои во обвинителниот предлог.

    Во обвинението се наведува дека постапувајќи во наведените предмети, обвинетите не ја извршувале својата службена должност согласно чл.7 од Законот за јавното обвинителство, односно функцијата јавен обвинител ја вршеле незаконито, пристрасно и субјективно, со непочитување и без заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти, надвор од рамките на своите надлежности, а со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, со што потешко ги повредиле правата на странките во неколку постапки.

    Но, тоа обвинение против Цветановски и Хајрулахи за сериозна злоупотреба на обвинителската функција, не може да види виделина. Уште Штипскиот основен суд не го има оценето. Имало предлог за корекција на докази што првостепениот суд ги одбил, па по жалба сега тоа барање-недозволување, било во Апелациониот суд Штип.

    Во меѓувреме, велат обвинителите, Цветановски се подготвува да го наследи Ислам Абази, на местото Обвинител за организиран криминал.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира