Основното јавно обвинителство бара притвор за двајцата скопјани кои во петокот вечерта вооружени ја ограбиле продавницата „Нептун“ на Градскиот стадион во Скопје. Против две лица на возраст од 27 и 21 година ОЈО Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка бидејќи постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело Разбојништво предвидено во член 237, став 4, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 29 ноември, двајцата осомничени со електрични тротинети дошле до продавницата за бела техника „Нептун” кај Градскиот стадион. Биле маскирани со пластични маски, шалови и качулки и вооружени со пиштоли, а еден од нив носел и импровизирана рачно изработена експлозивна направа во форма на динамит.
„Двајцата соизвршители влегле во продавницата, во која во тој момент биле присутни повеќе вработени, возрасни купувачи, но и три деца. На сите им се заканиле со оружјето и експлозивот, а еден од осомничените застанал пред вратата за да ги спречи да излезат. Другиот осомничен влегол позади пултот од каде што ги зел парите од касите, па заканувајќи се со оружјето, побарал од вработените да му го отворат сефот, од каде што одзел црвена метална каса со пари и вредносни ваучери. Со разбојништво и закана по животите на присутните осомничените одзеле пари во вкупна вредност од 556.146 денари или околу 10.000 евра, ги предупредиле присутните да не повикуваат полиција и излегле од продавницата“, велат од Обвинителството.
Во непосредна близина пред продавницата ги затекнале полициски службеници, кои на самото место ги лишиле од слобода.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, бидејќи постои опасност да побегнат, да се обидат да влијаат врз сведоците или да го повторат делото.