Јавното обвинителство го истражува известувањето од Амбасадата на САД за тоа дека едно лице од политичка партија вчера се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица, кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје заради попречување на изборниот процес на денешните Локални избори, како и дека друго лице, познат сторител на кривични дела, поседува оружје и дека на денот на гласањето ќе изврши кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на членови на политичка партија. Обвинителството не прецизира за која партија станува збор.
„По приемот на известувањето, преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност“, соопшти Обвинителството.
Денеска Обвинителството добило и пријава дека засега непознати лица со две патнички моторни возила вршат изборен поткуп во Топаана и Шуто Оризари, а Обвинителството дало насоки СВР Скопје да ги провери наводите од пријавата и на лицата на кои што им бил понуден поткупот. Обвинителството го утврдува и идентитетот на оној кој денеска околу 9,35 часот во близина на влезот на гласачкото место во „Кочо Рацин“ на улицата Борка Талески на 9 возила од надворешна страна на стаклата залепил бројка од кандидат за градоначалник.
Дежурен јавен обвинител од скопското обвинитeлство е присутен во Штабот во седиштето на СВР Скопје каде се следат сите настани поврзани со неправилности за локалните избори, велат од Обвинителството.