ОБВИНИТЕЛСТВОТО ТРЕБА ДА СЕ РАЗБУДИ ОД ЗИМСКИОТ СОН, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ПРАВДА РЕНАТА ТРЕНЕСКА-ДЕСКОСКА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ТРЕБА ДА СЕ РАЗБУДИ ОД ЗИМСКИОТ СОН, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ПРАВДА РЕНАТА ТРЕНЕСКА-ДЕСКОСКАКривичната одговорност на корумпираните судии зависи од покренување обвиненија од страна на Јавното обвинителство и водење на судски постапки, во што исто така извршната власт не смее да се меша, вели министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска (Фото: Влада на РМ)

    Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува за состојбата и престојните реформи во судството.

    Министеркe Тренеска-Дескоска, зошто не е спроведена препораката од извештајот на Рајнхард Прибе за кривична одговорност и суспензија на судии кои изминатите години беа политички корумпирани, кои беа избрани и беа под влијание на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ?

    • Очекувањата за промени во судството мора да го гледаме од аспект на уставната рамка која ја имаме, но секако и од аспект на законските обрски кои ги имаат сите органи во оваа сфера. Министерството за правда може да придонесе за имплементирање на стандардите за независно и професионално судство единствено преку предлагање на законска рамка која ќе ги гарантира овие стандарди, преку поддршка на тренинзи и обуки на судиите и секако преку немешање во работата на судиите. До моето доаѓање во Министерството за правда беа направени одредени законски измени во делот на одговорноста на судиите пред Судскиот совет. Процесот на законски измени не е завршен и истиот ќе треба да добие поддршка од 2/3 мнозинство во Собранието. Но, разрешувањето на судиите не е и не смее да биде ниту во надлежност, ниту под влијание на извршната власт. Според уставната поставеност, тоа е исклучива надлежност на Судскиот совет. Од друга страна, кривичната одговорност на корумпираните судии зависи од покренување обвиненија од страна на Јавното обвинителство и водење на судски постапки, во што исто така извршната власт не смее да се меша.

      Извештајот за користењето на АКМИС-от покажа дека во минатото системот не се користел онака како што треба (Фото: Влада на РМ)

    Во одделот за организиран криминал и во одделот за криминал за полнолетни во Кривичниот суд има судии на несоодветни места. Додека едни ги знаат законите и во минута за предметите на СЈО носат одлуки со цитирање закон, нивни колеги се повлекуваат на долги паузи, се консултираат, дозволуваат обвинетите да им ги одолговлекуваат постапките одејќи до Врховниот суд, толерираат недоаѓање на обвинети… Дали ја знаете таа состојба во Основиот суд Скопје 1?

    • Оценката на стручноста и компетентоста, на судиите е предмет на оцена од страна на Судскиот совет. Секако, и совесното работење треба да се оценува од страна на овој орган. Министерството за правда единствено што може да направи по тоа прашање е нормативно да се дефинира колку што е можно попрецизно што значи стручно и совесно работење.

    Зошто уште нема одговорност за утврдените неправилности во АКМИС-системот? Веќе една година има две предистраги, од СЈО и од Скопското обвинителство, и ниедна истрага, а камо ли обвинение. Како им го објаснувате тоа на странските претставници?

    • Комисијата која била формирана во рамките на Министерството за правда за употребата на АКМИС-от подготви извештај во кој утврди злоупотреби во два од три суда во кои вршела оценка. Извештајот е испратен до Јавното обвинителство и сега кај нив е одговорноста за покренување соодветни постапки.

    Дали сте сигурна дека сега АКМИС-от во Основниот суд Скопје 1 работи добро?

    • Јас очекувам системот да се користи онака како што е пропишано законски. Од друга страна, заради превенирање на било какви сомневања, размислувам за создавање законска обврска за периодична проверка на функционирањето на АКМИС-от и изготвување извештаи кои јавно ќе се објавуваат. Транспарентноста е една од гаранциите за почитување на законот во сите сфери, вклучувајќи ја и оваа.

    Во Министерството за правда веќе постои работна група која треба да предложи законски измени во делот на јавното обвинителство, кои треба да доведат до посакуваната ефикасност (Фото: Влада на РМ)

    Кога сме кај АКМИС-от во Скопска единица, зошто едни исти четири-пет судии имаат по 45 стари предмети, а некои нивни колеги само по 2? Тие се најтешки предмети за работа.

    • Извештајот за користењето на АКМИС-от покажа дека во минатото системот не се користел онака како што треба. Во конкретниов случај, не знам дали станува збор за предмети кои биле распоредувани во времето кога системот се злоупотребувал или не.

    Кој му го даде списокот на Ѓорге Иванов со можни обвинети и можни сведоци на СЈО? Кога ги откри јавно Иванов, едниот од нив, Коста Крпач сведок на СЈО во случајот „Трезор“, беше најден самоубиен. Една година СДСМ е на власт, а нема одговор кој му го даде тој список на Иванов, со кој ја направи колективната амнестија на 56 лица, која патем доведе на раб на граѓанска војна.

    • Ова е прашање кое треба да го поставите во Обвинителството. Доколку јас би го знаела одговорот на ова прашање, тоа би значело дека се однесувам на ист начин како Иванов, дека барам и добивам информации од истраги. Ние не смееме да си дозволиме да се однесуваме на начинот кој го критикувавме кај ВМРО-ДПМНЕ и нивните функционери – начин кој значење мешање на политиката во судството и јавното обвинителство.

    Според бројот на обвиненија кои биле поднесени до Основниот суд Скопје 1, излегува дека или последниве три години воопшто нема организиран криминал во Македонија, или редовното обвинителство ништо не работи, ни рече претседателот на Судот Иван Џолев. Кој е вашиот коментар за оваа состојба, како министер за правда, но и како граѓанин и универзитетски професор?

    • Заради проблемите кои беа лоцирани во (не)работењето на Јавното обвинителство, всушност беше и формирано СЈО. Факт е дека Јавното обвинителство треба „да се разбуди од зимскиот сон“ и да се обиде да си го поврати изгубениот углед. Во Министерството за правда веќе постои работна група која треба да предложи законски измени во делот на јавното обвинителство, кои треба да доведат до посакуваната ефикасност.

    Кога зборуваме за организиран криминал и корупција, на ум ми паѓа на пример, бизнисменот Орце Камчев, за кого и ден денес нема никаква кривична одговорност, ниту пак обвинение, за деценискиот пустош со неговите фирми, што укажува дека покрај со претходната, многу добро е поврзан и со новата власт. Зошто е тоа така?

    • Напротив, имајќи ги предвид состојбите во судството за кои ме прашувате во претходните случаи, никако не може да се извлече заклучок дека неказнивост или непокренување на постапки против одредено лице е резултат на негова поврзаност со актуелната власт. Всушност, не само мене, туку и на целата јавност ѝ е познат предизвикот пред кој се наоѓаме во менувањето на состојбите во судството, а тоа е разбивање на, со благи зборови кажано, „непринципиелните коалиции“ во судството и обвинителството, справување со корупцијата во правосудството… Јасно ни е дека ни се потребни судии со професионален и човечки интегритет, како што ни е јасно дека интегритет и професионалност е потребен и во работењето на Судскиот совет кој треба да е чувар на независноста на судството. Тоа е задачата која е пред нас и која секој треба да ја превземе во рамките на своите надлежности. Сепак, за да не биде погрешно протолкуван мојот одговор, сакам да потенцирам дека мојата позиција како министерка за правда не ми дозволува да се произнесувам за вината или невиноста на било кој, вклучувајќи го и спомнатото лице и овој одговор не треба да се толкува во таква насока.

      Јасно ни е дека ни се потребни судии со професионален и човечки интегритет, како што ни е јасно дека интегритет и професионалност е потребен и во работењето на Судскиот совет кој треба да е чувар на независноста на судството (Фото: Влада на РМ)

    Иванов досега нема никаква одговорност за амнестијата на криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која веќе прави проблем пред странските судови. Кога ќе праќате до Грција ново барање за екстрадиција на избеганите Грујевски и Бошковски, со појаснување дека Иванов тоа го направил на незаконски начин, како ќе објасните дека за него до денеска нема постапка за кршењето на Законот за помилување?

    • Штом официјално го добиеме одговорот од судот во Грција и ќе ја видиме аргументацијата која ја користат, ќе направиме нов обид за ново барање за екстрадиција. Што се однесува до претседателите на државите, има различни решенија околу можноста за нивна кривична одговорност, односно околу прашањето дали импичментот како постапка за кривична одговорност е единствено можна додека се врши функцијата, дали таа мора да претходи за да се покрене постапка за одговорност пред редовните судови или пак можни се двете постапки независно една од друга. Во нашиот Уставен систем, прашањето на одговорноста на Претседателот на државата за преземените дејствија е поставено на таков начин, што е можно негово активирање со иницијатива на две третини од пратениците во Собранието, а потоа одлуката ја носи Уставниот суд.

    Судските реформи се најбитни од сите дадени услови за добивање датум за преговори со ЕУ и тоа ви е кажано и јавно и непосредно од Советот на Европа. Што од конкретните предлози на судиите што ги сумираа Здружението на судии и ОБСЕ и ви ги дадоа и вам, е прифатливо за вас?

    • Првенствено се согласувам со нив дека треба темелна и опсежна дебата при измена на Законот за судови, а не парцијални измени. За мене се прифатливи предлозите за прецизирање на одговорноста, предлозите за следење и оценување на работата на судиите, предлогот за транспарентност и инклузивност на процесот на градење методологија за оценување итн. Во секој случај, измените кои ќе се предлагаат ќе се обидам да поминат низ процес на стручна дебата за да го пратиме најдоброто во Собранието.

    Како ќе го реформирате Судскиот совет? Колку членови ќе брои? Што ќе преземете изборот на членовите на Советот од редот на судиите да не биде веќе местен? Да победуваат оние кандидати што навистина си ги бираат судиите?

    • Од одговорите на поголемиот број на ваши прашања, јасно произлегува дека централна улога во коригирањето на состојбите во поглед на одговорноста на судиите за нестручно и несовесно постапување, всушност има Судскиот совет. Задача на Министерството за правда е да се пронајде вистинскиот модел за нормативна реформа на Судскиот совет. Првата дилема која ќе мора да се разреши е дали сегашната состојба е резултат на постојните уставни решенија, што би резултирало со потреба од уставни измени, или пак ќе биде доволно измените да се изведат со законски измени. Како и да ѐ, бројот на членови на Судскиот совет е уставно дефиниран. Во моментов, во Министерството за правда се работат измени на Законот за судски совет, кои треба да го адресираат и прашањето за постапките за избор на членови на Судскиот совет од страна на судиите, со цел да се запази можноста за слободен и фер натпревар. Познати ни се проблемите, ќе понудиме решенија кои мислиме дека се најсоодветни и ќе ги дебатираме со стручната јавност.

    Кое е вашето решение за Врховниот суд? Состојбата таму воопшто не доликува на највисок и најугледен суд во една држава. Јово Вангеловски, кој со тогашниот Јавен обвинител Марко Зврлевски го ослободи Сеад Кочан од притвор, 11 пати во еден месец менуваше распоред за да ги намести судиите кои ќе одлучуваат за предмети на СЈО, на Општа седница се обиде да протурка предлог Државниот обвинител да може да се меша во предметите и одлуките на СЈО, сѐ уште е претседател на Врховниот суд.

    • Со Извештајот за АКМИС-от опфатена е и распределбата на предмети во Врховниот суд и се нотирани проблеми во тој поглед. Но и во овој случај, прашањето за одговорност на конкретни судии или претседатели на судови не е во надлежност на Министерството за правда, туку повторно во Судскиот совет и секако кај Јавното обвинителство кое има законска обврска да покрене постапки.

    Ќе направите ли разговор, анкета со врховни судии, со стручни соработници од овој суд, а особено со граѓани, да ви кажат до каде е отидена корупцијата и политичките влијанија во оваа највисока судска институција?

    • Предистражните постапки за корупција во било која сфера, вклучувајќи го и Врховниот суд, е во надлежност на МВР, а истрагата треба да ја води Јавното обвинителство. Во тој поглед Министерството за правда нема надлежност. Но, морам да кажам дека ми е позната општата перцепција на недоверба во судството и ќе работиме во рамките на нашите надлежности, да помогнеме на законско ниво да создадеме што е можно посоодветна законска рамка за решавање на проблемите. Од друга страна, ќе охрабруваме и во рамките на нашите надлежности ќе придонесуваме за имплементација на тие законски норми.

    С. КОЛЕВСКА-ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира