Премиерот Зоран Заев очекува деновиве земјите членки на ЕУ да покажат солидарност и да ни дадат од нивните вакцини против ковид-19 уште месецов. Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за реализацијата на буџетот, кажа побарал од ЕУ да одвојат 5 отсто од нивните вакцини за земјите од Западен Балкан и смета дека на тој начин и кај нив нема да има прекин во вакцинирањето.
„Најсигурни ни се 5 илјади и 800-те вакцини од ‘Фајзер’ и додека тие се користат, ќе почнат да стигнуваат вториот и третиот пакет. Она на кое во моментот реагираме се првите испoраки кои стигнаа во ЕУ и некаде се околу 10 илјади, 15 илјади, 20 илјади, 7 илјади, во зависност од големината на земјите и тие стартуваа со давање на вакцини на граѓаните и процесот додека трае ќе им стигнат и вторите испораки. Затоа ние баравме барем 5% од тоа што го имаат земјите членки на ЕУ да го споделат со Западен Балкан и да може непречено да продолжи вакцинацијата во земјите од ЕУ. Ќе им стигне втората испорака, а притоа ќе имаат солидарност со земјите од Западен Балкан. Јас очекувам навистина солидарноста на ЕУ да ја видиме овие денови заради тоа што тоа е еден од најизвесните начини уште во јануари да ја добиеме вакцината, а секој ден порано е добредојден“, рече Заев.
Покрај вакцините од ЕУ на кои се надева, Заев очекува регуларна испорака, на прва, втора, трета, четврта испорака, на вакцините кои што владата директно ги договори со производителот „Фајзер“. Првите 5.850 дози од овие вакцини треба да стигнат во февруари, во март треба да стигнат уште 17.550 и најмалку уште толку во април.
„Зашто ако стигнат 5.800 вакцини, на пример, тогаш тоа не стига ниту само за здравствените работници кои работат со ковид. Видовме 7.700 се вкупно кои работат само директно со ковид. Имаме околу 24-25 илјади здравствените работници во државата, а каде се хронично болните, каде се пензионерите, граѓани кои изгубиле член на семејството поради ковид исто треба да бидат во приоритетните“, вели Заев.
Тој најави дека ќе се води јавна кампања за вакцинацијата, но не владина, бидејќи владините кампањи се укинати, сè со конечна цел да ја подигнеме свесноста за вакцинацијата бидејќи, како што рече тој, на тој начин побрзо ќе заврши пандемијата во нашата земја.