ОЧЕКУВАМ СЛАВИ ТРИФOНОВ ДА ЈА КОРИГИРА ИЗЈАВАТА СО „СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ“, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ОЧЕКУВАМ СЛАВИ ТРИФOНОВ ДА ЈА КОРИГИРА ИЗЈАВАТА СО „СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ“, РЕЧЕ ЗАЕВ„Кога некој нè нарекува тоа што не сме тоа нè повредува. Ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик“ -(Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев очекува дека лидерот на бугарската политичка партија Има таков народ Слави Трифoнов ќе ја коригира изјавата во која Македонците ги нарекува „северномакедонци“. Бугaрскиот телевизиски шоумен по парламентарните избори кои се одржаа викендов најави дека ќе формира влада, а покрај проектите кои ќе ги реализира кажа и дека ќе испрати двајца бугарски астронаути во вселената, маж и жена, како и еден северномакедонски астронаут.

    „Кога некој нè нарекува тоа што не сме тоа нè повредува. Ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик како што нашите пријатели и браќа се Бугари и зборуваат бугарски јазик. Јас очекувам да се коригира со изјавата, оти е политичка партија со најголема поддршка од граѓаните на Бугарија“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција за нов закон за стечајците.

    И повторените парламентарни избори во Бугарија не успеаја да донесат јасен победник, па повторно ќе оди тешко формирање влада. ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов се израмнети на околу 24 отсто, а третопласирана е БСП со околу 13 отсто.

    На партиите на протестот, како што ги нарекуваат Има таков народ, Демократска Бугарија и Исправи се – мафијата надвор ќе им недостасуваат 5-10 пратенички места за да формираат влада. Од друга страна, речиси е невозможна коалиција на ГЕРБ и БСП.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира