Бројот на заболени од голема кашлица се намалува, од 3 до 9 јануари не е пријавен нов случај, и ако во следните две недели нема нов случај очекуваме да заврши епидемијата, вели епидемиологот д-р Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје.
Епидемија на голема кашлица беше прогласена лани на 18 јануари, и според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), до 9 јануари годинава во Македонија се рeгистрирани вкупно 1.174 болни, најмногу на територија на Скопје (70,4%), а заболени се регистрирани и во 22 други градови низ Македонија. Сѐ уште во тек се две епидемии на ниво на територијата на Скопје и Куманово.
„Во периодот од 3 до 9 јануари не пријавен нов случај на голема кашлица, за разлика од претходниот седмодневен период кога беше пријавен само еден случај“, вели ИЈЗ.
„Минатата недела немаше нов случај, но имавме еден заболен на 13 јануари. Доста е зголемена и стапката на вакцинација. Очекуваме наскоро да заврши епидемијата“, ни рече д-р Бајрами.
Д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести вели дека ретко има по некој позитивен случај во последните 4-5 извештаи на ИЈЗ.
„Досега се аплицирани 93.625 дози на ДиТеПер вакцината. Очекуваме наскоро да заврши епидемијата“, ни рече д-р Мехмедовиќ.
Најголем број од вкупниот број заболени се од возрасната група од 0-4 години (36,9%), а највисока инциденца се бележи во возрасната група под 1 година и изнесува 1.560,3/100.000 жители.
Од вкупниот број на регистрирани случаи (1.174), 745 случаи (односно 63,5%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или немаат доказ за вакцинација.
В болница биле 191 пациент, од кои најголем дел припаѓаат на возрасната група од 0-4 години (168, 88%), кои во просек биле хоспитализирани по 8 дена.
Во градинките низ државата, на сила е мерката за забрана на прием на невакцинирани деца со ДиТеПер вакцина. Комисијата за заразни болести лани на 18 март одлучи дека им е дозволено на децата кои во последните 6 месеци се вакцинирани со трета доза ДиТеПер да се вратат во градинка, со задолжително примање на првата ревакцина 6 месеци по примањето на последната (трета) доза од примовакциналната серија.
Б. НЕСТОРОСКА