Во Германија се подготвува нова регулатива, која треба да стапи во сила од следната година и со која ќе биде ограничен контингентот на неквалификувана работна сила од земјите од Западен Балкан на пазарот на труд во Германија. Од Германската амбасада во Скопје велат дека тој контингент ќе биде 25.000 лица годишно за цел регион, а колкав ќе биде контингентот за Северна Македонија сè уште не е утврдено. Сè уште актуелната регулатива беше донесена во 2016 година за да им се понуди легална алтернатива на граѓаните од регионот кои поднесуваа барања за азил во Германија и таа е со важност до крајот на годинава.
Како што велат од амбасадата, досега германскиот пазар на труд беше отворен за неквалификувани работници од Западен Балкан и без познавање на германскиот јазик, а единствен услов беше да имаат договор за работа со фирма со седиште во Германија и со минимална гарантирана плата. Тој закон, објаснуваат од амбасадата, беше подготвен под притисок од времето со оглед на многу барања за азил и се гледа од самата регулатива дека имаше некои недостатоци оти одделенијата за визи беа пренатрупани од барања.
„Новата регулатива треба да ги коригира старите грешки со тоа што контингентот ќе биде одобрен во таа мерка колку што има барања. Административните процеси уште не се докрај дефинирани, но благовремено стапување на сила во 2021 година ќе има. Добрата вест за сите што се заинтересирани за таков вид вработувања е дека можноста и натаму ќе постои“, велат од Германската амбасада во Скопје.
Што се однесува до квалификувана сила, од амбасадата целат дека секогаш постоеле исклучоци при одобрување на визите. По кусиот застој поради пандемијата, од јули годинава сите барања од квалификувана сила за работа во Германија се примени и се обработуваат.
„Квалификувана стручна работна сила можеше и за време на пандемија да добие работа во Германија, се разбира со големи ограничувања на почетокот на пандемијата. Но, не си квалификуван ако мислиш дека си квалификуван, туку треба да бидеш квалификуван со образование“, велат од амбасадата.
М. ИЛИОСКИ