ОД „8 СЕПТЕМВРИ“ СИ ЗАМИНА ЕДИНСТВЕНИОТ НЕВРОХИРУРГ, ШЕФИЦАТА НА ИНФЕКТИВНО РАБОТИ И ВО ПРИВАТНО ЗДРАВСТВО

    ОД „8 СЕПТЕМВРИ“ СИ ЗАМИНА ЕДИНСТВЕНИОТ НЕВРОХИРУРГ, ШЕФИЦАТА НА ИНФЕКТИВНО РАБОТИ И ВО ПРИВАТНО ЗДРАВСТВОД-р Патриција Каламарас (во средината) останува да работи и во државно и во приватно здравство.- Со шефот на Анестезиологија Мите Николов и со колешката и со колешка анестезиолог од тимот од ковид центарот којапред неколку месеци исто така ја напушти „8 Септември“ (Фото: К. Попов)

    Единствениот неврохирург од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, д-р Слободан Дамјановски дал отказ од болницата, а шефицата на Инфективното одделение, д-р Патриција Каламарас е сѐ уште вработена во Болницата, потврди Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Доктор Дамјановски го напуштил Неврохирушкото одделение во ГОБ ‘8 Септември’, по негово барање дал отказ во болницата, по што се вработил во Приватната здравствена установа ‘Систина’“, ни рекоа од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче. Оттаму додаваат дека во тек се преговори со Клиниката за неврохирургија за преземање на соодветен кадар како надополнување на неговото работно место.

    Што се однесува до д-р Патриција Каламарас, одговорнa за одделението каде од почетокот на коронакризата се носат најтешко болните од ковид-19, за која имаше неколку објави на социјалните мрежи дека си заминала од јавното здравство, од Министерството за здравство велат дека од болницата им потврдиле дека таа е сè уште вработена таму. На нејзиниот личен фејсбик профил стои дека таа е „сѐ уште консултант во Аџибадем Систина“ и дека „ќе работи и во двете установи“.

    На социјалните мрежи беше објавено и дека од ГОБ „8 Септември“ од јуни до сега си заминале и осум медицински сестри. Директорот на болницата, д-р Христијан Костов ни рече дека тоа не е точно и дека годишно од оваа установа си заминуваат по 5-6 медицински сестри.

    „Заминуваат сестрите со над 10-годишно искуство, што е штета бидејќи се медицински персонал со докажано искуство. Ниту една не отиде во приватно здравство. Заминуваат во Германија“, ни рече Костов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира