ОД АВГУСТ ЦЕЛОСНО ИСКЛУЧУВАЊЕ НА СТРАНСКИТЕ КАНАЛИ, ОД НЕДЕЛА ВРЕМЕНИ ПРЕКИНИ НА ПРОГРАМАТА, НАЈАВИ „А1“

    ОД АВГУСТ ЦЕЛОСНО ИСКЛУЧУВАЊЕ НА СТРАНСКИТЕ КАНАЛИ, ОД НЕДЕЛА ВРЕМЕНИ ПРЕКИНИ НА ПРОГРАМАТА, НАЈАВИ „А1“Од операторот „А1“ велат дека сите корисници кои ќе бидат погодени од оваа одлука ќе бидат обештетени со соодветно намалување на месечната претплата. (Фото: СДК.МК)

    Кабелските оператори покрај времено исклучување на програмата од недела, најавуваат целосен прекин на странските канали од август поради наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.

    „И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сѐ повеќе се комплицира. Одлуката за времени прекини ја поддржуваат сите оператори кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија“, велат од операторот „А1 Македонија“.

    Од таму велат дека сите корисници кои ќе бидат погодени од оваа одлука ќе бидат обештетени со соодветно намалување на месечната претплата.

    Причината за ваквиот чекор е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги по скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа. Со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална  одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон.

    Дополнително, како што велат операторите на 29 мај, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку јавната електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наментува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрирните странски канали во рок од 60 дена.

    „Сите оператори по истекот на овој период, односно на на 08.08.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат“, велат од „А1“.

     

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира