ОД ДЕНЕСKA КАМЕРИТЕ СНИМААТ СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ, ЌЕ СТИГААТ САМО ОПОМЕНИ, А КАЗНИ ОД 1 ЈАНУАРИ

    ОД ДЕНЕСKA КАМЕРИТЕ СНИМААТ СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ, ЌЕ СТИГААТ САМО ОПОМЕНИ, А КАЗНИ ОД 1 ЈАНУАРИСАКАМДАКАЖАМ.МК во септември објави дека сообраќајните камери во тест периодот регистрирале по 100.000 сообраќајни прекршоци дневно на само неколку локации каде што се снима. (Фото: СДК.МК)

    Од денеска камерите поставени на улиците ќе снимаат сообраќајни прекршоци. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека почнува пробниот период на проектот „Безбеден град“ кој ќе трае еден месец, а од 1 јануари 2026 ќе стартува и казнувањето.

    „Од 1 декември ќе започне пробниот период каде сторителите ќе добиваат известување за сторениот сообраќаен прекршок“, велат од МВР.

    Како што велат од МВР, на почеток ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како што се возење со брзина поголема од дозволената, минување на црвено светло, погрешно престројување, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила. Во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем.

    САКАМДАКАЖАМ.МК во септември објави дека сообраќајните камери во тест периодот регистрирале по 100.000 сообраќајни прекршоци дневно на само неколку локации каде што се снима. Пресметано на месечно ниво тоа се 3 милиони сообраќајни прекршоци.

    Од МВР укажуваат дека искуствата од други земји покажуваат оти кога се ставиле во функција камерите, во рок од 6 месеци драстично опаднал бројот на сообраќајни прекршоци откако граѓаните се увериле дека државата сериозно казнува.

    На 28 август, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека казна затвор и трајно одземање на колите се дел од казните за прекршоците регистрирани со камерите, предвидени со измените на Законот за безбедност во сообраќајот.

    „Целта не е да се казнуваат граѓаните туку да се спаси барем еден човечки живот. Оној кој седнува зад волан без возачка дозвола, под дејство на алкохол или под дејство на психотропни супстанци, или вози 90 километри на час над дозволеното, тој не заслужува да поседува возачка дозвола и не треба да биде дел од сообраќајот. Ќе ги заостриме казните особено во рамките на Кривичниот законик, па освен парична казна ќе се изрекува и казна затвор и трајно одземање на возилата со кои се сторени кривичните дела“, рече тогаш Тошковски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира