ОД ДЕНЕС СЕ КАЗНУВА ПО 20 ЕВРА ЗА НЕНОСЕЊЕ ЗАШТИТНА МАСКА

    ОД ДЕНЕС СЕ КАЗНУВА ПО 20 ЕВРА ЗА НЕНОСЕЊЕ ЗАШТИТНА МАСКАВладата одлучи дека денес, на 2 и 3 мај, ќе биде дозволено движењето од 05 часот до 14 часот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од денес се казнува непочитување на Уредбата за носење на заштитна опрема. Дваесет евра е казната за неносење заштитна маска за физички лица, а 2.000 евра е казната за домашни и странски фирми кои не обезбедиле заштитни маски за вработените заради заштита од коронавирусот, стои во уредбата која ja донесе Владата на 22 април.

    Казни ќе изрекуваат Министерството за внатрешни работи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат.

    • Задолжителното е носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекални, здравствени институции и слично.
    • Носењето на заштитна опрема е задолжително и на отворени простори, секогаш кога не може да се одржува минимална дистанца од два метра меѓу граѓаните.
    • Заштитна опрема не е задолжителна за граѓаните кои престојуваат во двор на станбена семејна куќа, возат велосипед или спортуваат на отворено, (но со задолжително одржување на дистанца од два метра растојание), ако патуваат во моторно возило со лица кои заедно живеат, како и ако се наоѓаат на отворено каде може да одржуваат дистанца од два метра.

    Уредбата ќе трае до завршувањето на вонредната состојба, како и до завршување на пандемијата со КОВИД-19 прогласена од Светската здравствена организација (СЗО).

    Владата одлучи дека денес, на 2 и 3 мај, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05 часот до 14 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14 часот и ќе трае до 05 часот следниот ден.

    За лицата над 67-годишна возраст, денес, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 05 часот до 11 часот. Сите деца и млади лица до 18 години, денес, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12:00 до 14:00 часот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари