ОД КАМЕНОТ НА МИСОВСКИ СЕ ИСПЛАШИЈА ПРАТЕНИЧКИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ, ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ ДАДЕ ПАУЗА ЗА ИМУНИТЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИ

    ОД КАМЕНОТ НА МИСОВСКИ СЕ ИСПЛАШИЈА ПРАТЕНИЧКИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ, ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ ДАДЕ ПАУЗА ЗА ИМУНИТЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИПратеничките на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска и Ане Лашкоска на денешната седница на Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања; Каменот на Горан Мисовски, спомен од нападот на Собранието на 27 април 2017. (Фото: К. Попов)

    Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски од НСДП, на денешната расправа на комисијата која одлучува за пратеничкиот имунитет на осомничениот Трајко Вељаноски, дојде со камен во големина на тупаница, како сувенир од нападот на Собранието на 27 април 2017. Го подигна и му кажа на Вељаноски дека тој камен бил фрлен кон него и да не го промашил, ќе бил убиен.

    Тогаш изреагираа пратеничките Ане Лашкоска и Невенка Стаменковска дека замавнува кон нив. Почнаа да викаат, па од другата страна Мисовски да ги разубедува да не драматизираат и оти каменот му стои во фиока во канцеларија како спомен, кога во организација на највисоките структури на ВМРО-ДПМНЕ беше нападнато Собранието и тој и колегите беа повредени и раскрвавени, по што претседателот на мандатно-имунитетната комисија Павле Богоевски даде пауза.

    По паузата, Стаменковска пак рече дека каменот на Мисовски е оружје со кое можел тој да ги повреди пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Се надоврза и на инцидентите со Спире Ристовски и Миле Јанакиески во затворот Шутка и ги нарече жртви.

    Беше предупредена да се држи до точката на дневниот ред, но продолжи со инцидентот од пред еден месец со притворениот за 27 април Јане Ченто, кој ѝ се извини на Управата на затворот дека не го почитувал редот во установата и ги испоровоцирал и им давал отпор на затворските полицајци.

    Не се знае до кога ќе траат дискусиите во кои најмалку се зборува за барањето на Основниот суд Скопје 1 за симнување на имунитетот на поранешниот претседавач на Собранието Трајко Вељаноски, како еден од осомничените организатори на нападот на Собранието на 27 април 2017 година, заедно со Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спире Ристовски и други.

    Комисијата има рок од 3 дена да одлучи и предлогот да го достави на гласање до сите пратеници.

    Минатиот пат оваа комисија одлучуваше и гласаше за одземање на имунитетот на амнестираниот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, но кога дојде на пленарна седница на 4 февруари таа беше прекината. Осомничен е за друго дело, за злоупотреби како поранешен министер за земјоделие. Поминаа законските 3 дена за одлука на Парламентот, продолжение на седницата немаше, се смета дека имунитетот на Димовски автоматски му остана.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари