ОД ОПЕРАТИВНИ СОЗНАНИЈА ЗНАМ ДЕКА ДУРЛОВСКИ, ДАМОВСКИ И БЕТМЕН БЕА ПЛАЌАНИ ОД ВМРО-ДПМНЕ, Ѝ ОДГОВОРИ ОБВИНЕТИОТ НИНЏА НА ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА

    ОД ОПЕРАТИВНИ СОЗНАНИЈА ЗНАМ ДЕКА ДУРЛОВСКИ, ДАМОВСКИ И БЕТМЕН БЕА ПЛАЌАНИ ОД ВМРО-ДПМНЕ, Ѝ ОДГОВОРИ ОБВИНЕТИОТ НИНЏА НА ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКАОбвинетиот Нинџа и обвинителката Русковска на судењето за 27 април (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, кој во денешното сведочење откри кој во ВМРО-ДПМНЕ и во МВР командувал со организираниот напад на Собранието на 27 април лани, продолжи денес во Основниот суд Скопје 1 да одговара на прашања, сега на обвинителката Вилма Русковска.

    „Зоран Заев, Зоран Верушевски и Оливер Спасовски беа следени од Петтата управа. Има документација за ова. Петтата управа почна да ги следи кога почна објавувањето на бомбите. Следевме и новинар. Му поставивме камери дома на Алберт Муслиу“, ѝ одговори Нинџа на Русковска.

    На вкрстено прашање, дали биле плаќани водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, или протестите ги воделе од патриотски причини, Нинџа одговори:

    „Јас не сум ги видел со свои очи што имаа во џебовите кога излегуваа откај Кирил Божиновски, но од оперативни сознанија на Петтата управа знам дека биле плаќани од ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем и Никола Бошкоски ми кажа дека за тоа го информирал директорот на УБК Владимир Атанасовски“.

    На прашање, пак, од обвинетиот Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа одговори дека сите обвинети се искористени од ВМРО-ДПМНЕ и од раководството на Управата за безбедност и контраразузнавање за нивни лични цели и оти чувствува голема горчина во душата за тоа.

    Потоа на вкрстено прашање од друг адвокат, обвинетиот Александар Василевски-Нинџа кој денеска ја даваше својата одбрана потврди дека, Спире Ристовски и Кирил Божиновски ги координирале протестите на „За заедничка Македонија“.

    Од 33-та вкупно обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, на прашање Нинџа повтори: „Во оваа сала само Митко Чавков го видов на 27 април 2017 година во парамилитарниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ кој командуваше со нападот на Собранието тој ден“.

    Потоа продолжи да одговара:

    „Тоа што го видов тој ден го споделив само со Јавното обвинителство за организиран криминал“, што според него, во превод значи дека Обвинителството знаело за командниот штаб во ВМРО-ДПМНЕ.

    Овие лица од командниот штаб кои ги наброја денеска Нинџа и за кои јавноста првпат слушна: Митко Чавков, Билјана Бришковска-Бошковски, Спире Ристовски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески и други, ги нема во ова обвинение со 33-ца обвинети.

    Не е познато дали се опфатени во предистражната постапка што ја води обвинителката Вилма Русковска, која е тајна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари