ОД ОВОЈ МЕСЕЦ НЕМА СУБВЕНЦИИ ЗА ПРИДОНЕСИ ЗА ЗГОЛЕМЕНА ПЛАТА ДО 6.000 ДЕНАРИ, ШТО ГИ ВОВЕДЕ ВЛАДАТА НА ЗАЕВ

    ОД ОВОЈ МЕСЕЦ НЕМА СУБВЕНЦИИ ЗА ПРИДОНЕСИ ЗА ЗГОЛЕМЕНА ПЛАТА ДО 6.000 ДЕНАРИ, ШТО ГИ ВОВЕДЕ ВЛАДАТА НА ЗАЕВСо Закон донесен во 2019, компаниите кои ги зголемија платите на вработените од 600 до 6.000 денари не плаќаа придонеси за таа сума.(Фото: К.Попов)

    Државата од овој месец не ги субвенционира придонесите за социјално осигурување за зголемување на платите на вработените во приватните фирми. Од први ноември престанува важноста на Законот за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување, кој почна да се применува од први ноември 2019. Со тоа фирмите кои ги зголемиле платите преку оваа владина мерка сега мораат самите да ги плаќаат придонесите за целата плата на која се пријавени вработените.

    Со овој Закон донесен во 2019 кога премиер беше Зоран Заев, а министерка за финансии Нина Ангеловска, компании кои ги зголемија платите на вработени од 600 до 6.000 денари не плаќаа придонеси за таа сума. На оваа сума трошоците за придонеси за социјално осигурување ги плаќаше државата преку Министерството за труд и социјална политика.

    Најавувајќи ја оваа мерка тогашниот премиер Заев кажа дека со неа се сузбива сивата мерка и давањето на плати во кеш.

    „Целта е да се демотивира исплатата на дел од платата во кеш. Со новата мерка работодавачите ќе платат само 11 проценти персонален данок, а другиот дел, пензиско, здравствено и социјално осигурување, ќе го покрие државата. Така, вработените ќе добијат повисоки нето плати и ќе бидат мотивирани да останат на работа. Тоа е мерка која ќе придонесе кон мотивацијата и младите луѓе, и сите други, да останат во државата зашто платите ќе растат“, рече Заев во септември 2019 на прес-конференцијата за ребаланс на буџетот со кој се предвидоа пари за оваа мерка.

    Со Законот се предвидуваше мерката да трае три години односно да се субвенционираат придонесите заклучно со месец октомври 2022. Но, тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царавска при стартот на мерката кажа дека можно е продолжување на Законот.

    „Очекуваме од 20 до 25 проценти од работодавачите да ја зголемат платата на вработените. Со оваа мерка дирекно влијаеме на растот на економијата и стандардот кај граѓаните. Мерката е во траење од три години, но подготвени сме да дискутираме ако има потреба од продолжување на овој закон“, рече во ноември 2019 тогашната министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    И покрај ваквите најави од Владата сега не размислуваат да ја продолжат ова мерка. Велат дека Владата донела многу други мерки за помош на компаниите, стопанството и граѓаните кои даваат двојни придобивки, и за работодавачите и за лицата опфатени во нив.

    „Во време на криза, Владата на неколку наврати креираше пакет мерки за поддршка на компаниите, со цел полесно да се преброди периодот на криза. Преку Оперативниот план за активни програми и мерки, чиј носител е Министерството за труд и социјална политика, а имплементатор Агенцијата за вработување, компаниите се вклучени во програми и мерки кои имаат за цел поддршка на компаниите и креирање на нови работни места. Преку мерката субвенционирање на плати, каде корисници се јавуваат микро, мали и средни компании, компаниите добиваат финансиска поддршка со времетраење на субвенционирањето од 3,6 или 12 месеци, со цел за вработување на невработени лица“, велат од Владата.

    Од Владата наведуваат дека се спроведува мерка за финансиска поддршка за ново вработување од одредени целни група, се плаќаат обуки за невработени лица, а се дава неповратна финансиска поддршка за финансирање на нови деловни инвестиции, насочени кон транзиција кон зелена економија.

    „Владата преку одговорното менаџирање на буџетот во текот на годината, успеа да обезбеди антикризни мерки од 760 милиони евра со кои помагаме и на граѓаните и на компаниите за задржување на нивната ликвидност“, велат од Владата и додаваат дека ја субвенционираат и цената на струјата за домаќинствата и за малите компании.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира