Искоренување на детската сиромаштија е главната цел во социјалната реформа, кажа на денешната прес конференција министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа рече дека со досегашните законски решенија детски додаток примаат само децата од оние семејства кои имаа гарантиран приход до 10.000 денари, а дека од социјална заштита се исклучени децата од семејствата во социјален ризик. Со реформата детски додаток од следната година ќе примаат 73.500 деца.
„Она што е главно во реформата е дека детската сиромаштија е наш таргет. Детскиот додаток го примаа многу малку семејства, само оние што имаа приход до 10.000 денари. Тоа не беше ниту минимална плата, ниту парична помош. Сега детскиот додаток го примаат 3.200 деца, а од следната година 73.500 деца ќе примаат детски додаток. Овој додаток нема да го добиваат само семејствата со гарантиран приход, туку и сите семејства со едно вработено лице. Образовен додаток ќе примаат и децата од семејствата со минимален приход, па ако сега овој додаток го примаат 3.800 деца, од следната година ваков додаток ќе примаат 64. 316 деца“, рече Царовска.
Премиерот Зоран Заев кажа дека од следната година четиричлено семејство, кое е во социјален ризик и каде има еден член кој не е работоспособен ќе добива месечен надомест од 11.700 денари.
„За повеќе од 70 отсто од корисниците на социјална помош овој паричен надомест е три пати повеќе од тоа што досега го добивале. Со реформата во социјалната заштита воспоставуваме систем за социјална заштита на семејствата што живеат во сиромаштија и воведуваме начин за извлекување од сиромаштијата. Го олеснуваме пристапот до детскиот додаток, но и ја зголемуваме сумата што по овој основ ќе ја добива едно семејство. Со реформата на системот на социјална и детска заштита воведуваме и нови дотатоци за поддршка на деца од семејства кои се во системот на социјална заштита и деца од домаќинства со ниски примања“, рече Заев.
Тој кажа дека паралелно на овие семејства ќе им обезбедат и поддршка за довршување на образованието, за полесно да излезат на пазарот на труд и да најдат работа.
„Покрај зајакнувањето на постојните социјални услуги и нивно натамошно приближување до крајните корисници ќе има и нови услуги, во чие пружање ќе бидат вклучени општините, здруженијата на граѓани, физички лица и приватниот сектор“, рече Заев.
Министерката Царовска објасни дека типичен пример на македонско четиричлено семејство се двајца возрасни и две деца, и тие од следната година ќе добиваат социјална помош од 10.600 денари, а сега добиваат социјална помош од 3.020 денари. Според неа ниското ниво на социјална заштита што важи сега е резултат на штетно законско решение кое е донесено претходно, со кое по третата година од примање на социјалната помош, вкупната сума на социјална помош се намалува за 50 отсто.