ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧАМ ОД НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА И ЌЕ СЕ ПОСВЕТАМ НА ЕКОНОМИЈА, РЕЧЕ ЗАЕВ И НАЈАВИ ДВАЈЦА СОВЕТНИЦИ ИСПРАТЕНИ ОД МЕРКЕЛ

    ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧАМ ОД НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА И ЌЕ СЕ ПОСВЕТАМ НА ЕКОНОМИЈА, РЕЧЕ ЗАЕВ И НАЈАВИ ДВАЈЦА СОВЕТНИЦИ ИСПРАТЕНИ ОД МЕРКЕЛ„Од Германија ќе дојдат не еден туку двајца советници, од кои едниот директно ќе помогне за развој на дуалното образование и преквалификација на работната сила“, најави денеска Заев. - Заев и Меркел на заедничката прес-конференција во Скопје на 8 септември (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев најави дека по завршување на евроатлантските интегративни процеси, кои очекува да завршат на почетокот на 2019 година, ќе се повлече од неговите активности во надворешната политика и ќе се посвети на развој на економијата. Тој најави и дека од Германија ќе дојдат двајца советници, место еден, како што првично кажа по средбата со Ангела Меркел во Скопје.

    „Сакам да најавам дека на 23-ти овој месец со владата на Германија ќе формираме управувачки комитет, кој го договоривме со канцеларката Меркел при посетата. Од Германија и натаму ќе има грантови и донации. Од Германија ќе дојдат не еден туку двајца советници, од кои едниот директно ќе помогне за развој на дуалното образование и преквалификација на работната сила, која е потребна на компаниите“, рече Заев на презентацијата на буџетот за 2019 година во Стопанската комора.

    Тој кажа дека став на владејачките партии е следната година да нема парламентарни избори и рече дека примамливо е следната година заедно со претседателските избори да се направат и парламентарни избори на еден трошок, но дека одлучиле да не се оди на избори и да се продолжи со развој на економијата.

    „Знаеме како парламентарните избори влијаат на економијата, односно ја умртвуваат за 4 до 5 месеци. Секако тука има и други ставови, потоа ставовите на опозицијата, но сметаме дека конечно парламентарните избори треба да бидат редовни за да може економијата и бизнисите да растат“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира